Македонскиот Супер Куп има нов владетел, откако Вардар по петти пат се радуваше овојпат против Охрид со резултат 32-31(17-15) во спортската сала „26 април“ во Гевгелија.
Во само еден месец Охрид и Вардар одиграа три натпревари, а Охрид во два беше поуспешен, но во првиот официјален меч Вардар слави нов трофеј.
Охрид имаше подобро отворање на мечот и искористи неколку грешки на Вардар за 4-1 по шест минути игра во Гевгелија. „Црвено-црните“ веднаш се вратија во егал и потоа мечот продолжи гол за гол. Се играше жестоко во одбраната, а пеналите во голови ги претворија Фадуил на двапати за Вардар и Ѓукиќ и Мате на двапати за Охрид. Беше 8-8, пред Стрмљан да искористи една добра асистенција за гол за 9-8.

Неизвесната игра продолжи до последните две минути пред паузата, но Воркапиќ погоди во последната секунда и му донесе на „црвено-црниот“ тим плус два на паузата.

Македонскиот првак го одржуваше водството преку расположениот Мохаб Абделхак во воведните три минути од вториот дел. Во продожение падна темпото кај вардарци започнаа да промашуваат, од сите позиции вклучувајќи ја и пенал линијата, што овозможи Охрид да дојде до првата предност во вториот дел, а набрзо и до првите „плус два“ (22:20, Стрмљан 39′).
Голманите на двете страни имаа свои моменти во натпреварот, а на средина на вториот дел Валах му помогна на Вардар повторно да го изедначи резултатот и да внесе неизвесност на овој дуел.
Иако Вардар имаше неколку шанси да ја врати минималната предност во свој посед, Охрид ја имаше иницијативата и го одржуваше водството.

Голманите го диктираа изгледот на семафорот. Дино Славиќ собра два „зицера“, што му даде предност на Охрид од 27-25 на влезот во последната шестина од натпреварот.
Сепак ништо не беше решено на овој дуел откако актуелниот шампион, го зацврсти одбраниот ѕид и си овозможи комплетен пресврт на дуелот. Така на пет минути до крајот Вардарци ги сменија улогите и поведоа со „плус два“, (29-27 Воркапиќ 55′).
Охрид за момент внесоа неизвесност во финишот и имаа напад за изедначување, но новата техничка грешка, на Стрмљан, му овозможи на Воркапиќ да ја врати разликата на безбедни два гола.
Охриѓани не се предадоа до самиот финиш. Искористија две грешки на „црвено-црните“ и на 30 секунди до крајот го изедначија резултат на 31-31. На 20 секунди до крај Воркапиќ погоди од пенал линијата, а Иванковиќ се пресели на трибините по третото исклучување. А Стрмљан во трка со време не беше прецизен и славјето на македонскиот шампион можеше да започне. На семафорот останаа запишани 32-31, како конечен резултат на натпреварот.
Вардар се уште го очекува меѓу стативите српскиот интернационалец Бомaштар, а на овој дуел недостасуваа и двајца капиталци Милан Лазаревски и Жуниор Тузолана. Кај Охрид недостасуваше Бојан Блажески и Мартин Карапалевски.

Вардар е најтрофеен тим во Супер Куп натпреварувањето со пет трофеи, а три има Еурофарм Пелистер.

























