Чупиќ: Дресот на Вардар „тежи“ – не може да го носи било кој!

Иван Чупиќ е човекот кој го постигна еден од незаборавните голови во историјата на Лигата на шампионите, но и голот кој засекогаш ќе остане запишан како еден од најважните во историјата на Вардар.

Хрватската ракометна легенда од 2025 година повторно е во Скопје, но овојпат во поинаква улога.

Чупиќ е тренер на двократниот европски шампион и пред новата сезона во Лигата на шампионите во интервју за ЕХФ зборуваше за културата, традицијата и тежината на дресот на Вардар, амбициите на тимот, новите засилувања и моќта на навивачите.

„Не може секој да игра за Вардар“

Чупиќ потенцира дека Вардар не е само ракометен клуб, туку начин на живот, а токму тоа се обидува да им го пренесе и на новите ракометари.

„Милион пати сум зборувал за Вардар, Скопје, Македонија, Комити и луѓето кои го сакаат клубот. Од првиот ден се чувствував како дома. Вардар, Скопје и Македонија ги сметам за мој втор дом. Вардар има неверојатна култура и традиција, која веројатно многу одговара на мојот спортски карактер. Така беше кога бев играч, а сега како тренер, заедно со мојот стручен штаб, се обидувам таа култура да им ја објаснам на сите играчи.“

Чупиќ има и посебна порака за новите ракометари кои за првпат ќе го почувствуваат амбиентот во „Јане Сандански“.

„Секогаш велам дека нема многу врвни играчи кои имале привилегија и можност да играат за Вардар. Не може секој да игра за Вардар и не може секој да биде тренер на Вардар. Тоа го чувствуваме и свесни сме за тоа. Некои од новите играчи го гледале Вардар на телевизија, но сè уште не се свесни што значи тоа. Кога ќе дојдат во полната сала „Јане Сандански“, ќе разберат колку љубов и традиција има овој клуб. Не станува збор само за една љубов, туку за еден живот. Потребно е време за да се разбере тоа, но кога ќе го разберете, тогаш сè што ќе кажете за Вардар ќе биде поврзано со тоа“, додава Чупиќ.

Хрватскиот стратег сака место меѓу најдобрите две екипи во групата

Вардар се враќа во елитното европско натпреварување по четиригодишна пауза. Македонскиот шампион ќе игра во групата Б против Мелсунген, Нант и Висла Плоцк, а првиот натпревар ќе го одигра на гости во Германија. Чупиќ не крие дека целта е висока.

„Работиме и тренираме во таа насока – да завршиме меѓу првите две екипи. Не гледаме против кого играме и не гледаме само во табелата. Секако дека имаме свои пресметки. Играме против врвни, елитни екипи, но сигурно ќе ја бараме нашата шанса. Веруваме дека можеме да оствариме добар и позитивен резултат.“

Посебно интересна ќе биде пресметката со Мелсунген, кој го предводи поранешниот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

„Не само што се радувам на средбата со Парондо, кој ми беше тренер и под чие водство играв. Тој е одличен тренер со врвна кариера. Се радувам и на средбите со останатите колеги кои со години работат во врвни клубови. Тоа е голема мотивација за мене како млад тренер.“

Хрватот смета дека домашниот терен може да биде огромна предност за „црвено-црните“. Во Скопје ќе се играат натпревари од ЛШ по четири сезони.

„Тоа е многу, многу жежок терен. Имам искуство од периодот кога не играв за Вардар и доаѓав во Скопје со други клубови, потоа кога играв за Вардар, како и од минатата година кога бев тренер. Можам искрено да кажам дека тоа е најжешкиот терен во Европа и дека е многу тешко да се игра таму. Но, ние како тим мора да го оправдаме тоа. Мора да имаме врска со салата „Јане Сандански“ и да ја почувствуваме енергијата. Со нашата игра, однесување и однос кон дресот, заедно со навивачите, мора да создадеме добра атмосфера. Навистина сакам во сите домашни натпревари во Лигата на шампионите да имаме еден играч плус на теренот“, порача Чупиќ.

Вардар во летниот преоден рок донесе седум нови ракометари – Милан Бомаштар, Леон Љевар, Марко Ѓорчески, Абделхак Мохаб, Николче Нечовски, Бобан Поповски и Матео Фадуил. Токму Фадуил беше втор најдобар стрелец во француската лига минатата сезона со 204 гола. Чупиќ смета дека Вардар направил значаен чекор напред со новите засилувања.

„Сите играчи кои ги донесовме оваа сезона се големи засилувања и одличен додаток на тимот од минатата сезона. Минатата година започнавме еден вид селекција и преминавме од квантитет кон квалитет. Донесовме репрезентативци од Хрватска, Египет, Франција и Србија. Сигурен сум дека не само на хартија, туку и на терен ќе изгледаме подобро, поквалитетно и помоќно. Во таа насока треба да се движи Вардар. Еден играч не го прави Вардар. Мора да имаме тим, мора да имаме соблекувална и сите мора да бидеме заедно. Не само Матео, туку и сите останати играчи ќе бидат голема помош за клубот во остварувањето на целите.“

Двојна круна дома и што подалеку во ЛШ

Во домашното првенство Вардар ќе ја брани титулата, а Чупиќ очекува исклучително тешка сезона.

„Сакаме да ја одбраниме титулата и затоа се подготвуваме и тренираме. Тимот од Автокоманда, Еурофарм Пелистер и Охрид се сериозни конкуренти и имаат сериозен квалитет. Затоа лигата е силна. Сигурно нè очекува маратонска и тешка сезона. Но јас сакам да зборувам за Вардар, за мојот тим и мојот клуб. Не сакам да навлегувам во тоа што прават ривалите. Мора да бидеме фокусирани на себе и да знаеме дека ништо нема да дојде само од себе. Мора да бидеме најдобри на секој тренинг за да ги кренеме трофеите за 10 месеци. Така се поставивме од првиот ден и така сакаме да продолжиме – да победуваме и да не губиме натпревари.“

На крајот, Чупиќ ги откри и главните амбиции на Вардар за новата сезона.

„Се надевам дека кога ќе подвлечеме црта во јуни, ќе бидеме шампиони. Како клуб би биле задоволни ако продолжиме да играме во Лигата на шампионите и повторно ја освоиме двојната круна. Со оглед на квалитетот, буџетот и она што е поставено пред нас, тоа се реални цели. Но, ако тимот е здрав, ако работиме добро и ако сме синхронизирано семејство, можеме да направиме и нешто повеќе. За тоа ни треба малку среќа, знаење и нашиот фанатизам. Ако сме синхронизирани и ако сè биде како што треба, мислам дека можеме да ги оствариме сите цели. Тоа е она кон што работиме – да не губиме натпревари.“

Вардар играше два пати во финале на турнирите во Струга и Охрид, но доживеа порази. Следен испит за момците на Иван Чупиќ ќе биде пресметката од Супер Купот против истиот ривал на 2 септември од 19:00 часот во Гевгелија.