Останаа без селектор по елиминацијата од Македонија – сега имаат двајца нови!

Словачкaта ракометна федерација претстави новиот тренерски тандем на машката репрезентација. Јан Филип и Љубош Худак добија доверба да ја предводат селекцијата во следните пет години, со задача да започнат нова етапа во словачкиот машки ракомет.

Шпанецот Фернандо Гурих доби отказ по елиминацијата од Македонија во баражот за СП 2027, а сега ќе имаат чешко-словачка комбинација на двајца селектори. Спојот на Филип и Худак носи комбинација од меѓународно искуство и одлично познавање на словачкото ракометно опкружување.

Јан Филип е едно од позначајните имиња во чешкиот и европскиот ракомет. Како играч одигра 200 натпревари за репрезентацијата на Чешка и постигна 991 гол. На Европското првенство во 1998 година беше најдобар стрелец со 48 погодоци.

Како тренер има значајно репрезентативно искуство. Од 2014 до 2021 година заедно со Даниел Кубеш ја предводеше машката репрезентација на Чешка. Најголемиот успех во тој период беше шестото место на ЕП 2018, еден од најдобрите резултати на самостојната чешка репрезентација на ЕП.

Од друга страна, Љубош Худак носи искуство како поранешен врвен ракометар, а одлично го познава словачкиот клупски ракомет.

Како играч, Худак ја претставуваше Чехословачка на Олимписките игри во Барселона во 1992 година. По завршувањето на играчката кариера работеше со машки и женски екипи во Словачка и Чешка, а беше ангажиран и во работата со младинските репрезентативни селекции.

Петгодишниот договор треба да им овозможи на новите селектори да реализираат долгорочна и концепциска работа. Филип и Худак заеднички ќе бидат одговорни за развојот на машката репрезентација, нејзиниот систем на игра и обидот Словачка повторно да се врати на големите меѓународни натпреварувања.

Словачка се најде во група со Германија, Италија и Белгија во квалификациите за ЕП 2028, па ќе има добра шанса да се избори за место на континенталниот собир.