Јокиќ отворeно за сè: Плати, трансфери, сопруги и кој ќе биде шампион на Македонија

Познатиот ракометен менаџер Милан Јокиќ направи анализа на македонската клупска сцена пред новата сезона. Тој го гледа Вардар како главен фаворит за титулата, очекува голем напредок од Охрид... Колку е просечната плата на играч во Лига на шампионите, кој Македонец може веднаш да игра во Бундеслигата ...

Од просечната плата на играчите во Лигата на шампионите и растот на балканскиот пазар, до трансфери што се решавале со помош на сопругите, куќи со двор за ловечки кучиња и безбедносни соби поради воздушни напади. Ракометниот менаџер Милан Јокиќ во разговорот за 24Ракомет откри многу детали од светот кој навивачите речиси никогаш не можат да го видат.

Јокиќ зборуваше за професионализацијата на менаџерската работа, моќта на Бундес Лигата, платите на најдобрите играчи, развојот на ракометот на Балканот, но и за македонските клубови и ракометари.

Негова проценка е дека македонските играчи денес немаат потреба по секоја цена да заминуваат во странство. Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид можат да понудат европски натпревари и добри договори, а во многу случаи и подобри услови од клубовите од долниот дел на табелите во Германија или Франција.

Во последните години значително се променил начинот на кој функционираат ракометните менаџери. Јокиќ смета дека посебно по периодот на коронавирусот професијата почнала да се подигнува на повисоко ниво.

Еден од најважните чекори било формирањето асоцијација на ракометни агенти, која денес има повеќе од 70 членови.

„Во последните неколку години, посебно од периодот на коронавирусот, успеавме работата да ја подигнеме на попрофесионално ниво. Направивме асоцијација на агенти, која работи веќе четири или пет години и има повеќе од 70 членови“, вели Јокиќ.

Асоцијацијата одржува состаноци двапати годишно и го следи односот на клубовите кон играчите и агентите.

„Постојано комуницираме со клубовите и мислам дека денес сето тоа изгледа прилично професионално. Секако, секој агент има свој начин на работа и свој пазар, но на Балканот има неколку сериозни агенти кои работат на високо европско ниво.“

Кога еден ракометар има неколку понуди, нема едноставен одговор што треба да избере. Одлуката зависи од возраста, фазата на кариерата и личните приоритети.

„Не е иста одлуката за играч кој има 32 или 35 години и за играч кој има 18 или 19 години. Младите играчи треба да бараат клуб во кој ќе имаат подобар развој.“

Кај поискусните ракометари финансискиот дел почесто станува приоритет, но не секогаш.

„Има играчи кои секогаш ќе ја изберат најголемата понуда. Има и такви кои ќе изберат град во кој ним и на нивното семејство ќе им биде убаво да живеат. Секој случај е различен и одлуката мора да се носи индивидуално.“

„Бундес Лигата е ракометната НБА“

За Јокиќ нема дилема која лига во моментов е најмоќна и најстабилна во европскиот ракомет.

„Јасно е дека тоа е Германија. Таму има 20 клубови со сериозни буџети. Лигата е целосно професионална и не постои ситуација клуб да влезе во сезоната без обезбедени средства.“

Она што посебно ја издвојува Бундес Лигата е финансиската сигурност.

„Нема доцнење на платите. Ние сакаме да кажеме дека Бундес Лигата е ракометната НБА.“

Германија можеби нема наскоро да го загуби приматот, но Јокиќ забележува голем напредок на Балканот.

„Во последните години ракометот на Балканот многу напредува. Се појавија клубови со огромни амбиции во Македонија, Словенија, Србија и Хрватска. Зборуваме за клубови кои сакаат да играат во Лигата на шампионите и за клубови кои освојуваат европски трофеи.“

Во минатото главни регионални имиња биле Загреб, Целје и Вардар, но сега има нови проекти кои ја прошируваат конкуренцијата.

„Во Словенија има нов и сериозен проект во Љубљана, во Белград го имаме Партизан, а во Македонија има четири клуба поради кои не можеме однапред да кажеме кој ќе биде шампион. Балканскиот пазар многу добро се позиционираше во Европа.“

Сите бараат голман со 20 одбрани

На прашањето кој профил на играч е најбаран на трансферниот пазар, Јокиќ со насмевка посочува дека желбите на клубовите понекогаш не се многу реални.

„Сите бараат голман кој ќе има по 20 одбрани на секој натпревар. Тоа, секако, е речиси невозможно, но сите го бараат.“

Сè повеќе се ценат играчите кои можат да играат во двата правци, како и оние што можат да покријат повеќе позиции.

„Клубовите бараат играчи кои играат и одбрана и напад. Тоа е многу полесно за тренерот. Посебно се ценети поливалентните ракометари кои можат да покријат две или три позиции.“

Како пример го посочува пивотот кој може да игра на централните позиции во одбраната.

„Пивот кој може да игра на тројка или четворка во одбраната има голема вредност. Таквите играчи секогаш се барани.“

Просечна плата во Лигата на шампионите – околу 100.000 евра нето годишно

Една од најинтересните теми во разговорот беа платите во европскиот ракомет. Јокиќ и претходно зборуваше дека само мал број играчи заработуваат повеќе од 30.000 евра месечно. Денес и натаму постојат големи договори, посебно во клубовите кои имаат амбиции да стигнат до завршниот турнир во Лигата на шампионите.

„Сигурно дека има големи плати. Клубовите кои сакаат да играат на Ф4 мора да имаат такви играчи во своите екипи.“

Сепак, големите плати не се стандард за сите што настапуваат во елитното европско натпреварување.

„Кога би направиле просек за сите играчи во Лигата на шампионите, а веројатно ги има околу 800, мислам дека средната вредност би била приближно 100.000 евра нето годишно.“

Тоа би значело просек од нешто повеќе од 8.000 евра месечно, но со огромни разлики меѓу најплатените ѕвезди и играчите од клубовите со помали буџети.

Времето на екипите со 15 суперѕвезди заврши

Јокиќ потсетува дека пред две или три децении постоеле екипи кои во ист состав собирале десетина светски ѕвезди.

„Порано имавме клубови како Сиудад Реал, Портланд и уште неколку проекти кои имаа по 10, 11 или 12 суперѕвезди.“

Такво нешто денес е речиси невозможно, не затоа што нема доволно пари, туку затоа што има повеќе клубови кои можат да платат врвни играчи.

„Денес нема клуб во Европа што има 15 суперѕвезди. Има многу повеќе клубови кои можат да донесат врвен ракометар и затоа квалитетот е пораспределен.“

Сепак, доколку некој спонзор сака одредена ѕвезда во својот проект, големиот договор и натаму е можен.

„Нема правило. Ако постои суперѕвезда и спонзор кој сака токму тој играч да биде во клубот, тогаш ќе плати за да го доведе.“

„Со најголемите ѕвезди најлесно се договарам“

Поголемото име не значи и потешки преговори. Напротив, Јокиќ вели дека најмалку енергија трошел со ракометарите кои освоиле олимписки медали или биле прогласувани за најдобри во Европа.

„Никогаш немав проблем со играчите кои освојувале олимписки медали, биле МВП или најдобри играчи во Европа. Со нив трошев најмалку енергија.“

Причината е едноставна – и играчот и клубот точно знаат за каков квалитет станува збор.

„Тоа се два или три телефонски разговори и многу лесно се постигнува договор.“

Проблемите почесто се појавуваат кај играчите кои имаат нереална слика за својата вредност.

Кога ракометар ќе побара 15.000 евра, а пазарот во тој момент му нуди околу 8.000, Јокиќ се обидува да разговара со аргументи.

„Нашата работа е да се обидеме да ги исполниме барањата на играчот. Секогаш разговарам аргументирано. Се обидуваме и на клубот да му објасниме зошто треба толку да го плати играчот, а низ комуникацијата доаѓаме до крајната и реална сума.“

Родителите и сопругите не треба да одлучуваат наместо играчот

На почетокот од кариерата Јокиќ често морал да комуницира и да преговара со родителите на младите ракометари. Денес неговиот став е дека возрасниот и професионален играч треба сам да носи одлуки за својата кариера.

„Играч кој директно комуницира со мене и на кој не му е потребна помош од родителите или сопругата, според моето искуство, најчесто е подобар и на теренот од оној што постојано слуша туѓи совети.“

Тој смета дека ракометар на 22, 23 или 25 години мора да биде подготвен да преземе одговорност.

„Не е добро ниту за родителите, ниту за сопругата да се мешаат во професијата. Одлуката носи голема одговорност и играчот треба сам да стои зад неа.“

Сепак, во една од најголемите зделки токму сопругата на играчот одиграла важна улога.

Како сопругата на Циндриќ го отвори патот кон Барселона

Кога Лука Циндриќ беше во Келце, се појавила можност да премине во Барселона. Проблемот бил што полскиот клуб не сакал да го продаде. Јокиќ преговарал со тогашниот прв човек на Келце, но не можел да постигне договор.

„Стануваше јасно дека тие не сакаат да го пуштат. Потоа случајно се сретнавме со Лука и неговата сопруга Лара. Таа ми кажа дека многу сакаат да заминат во Барселона.“

Тогаш се родила необична идеја.

„Ѝ реков: ‘И јас сакам, и Лука сака, но единствено можеме да успееме ако ти отидеш кај претседателот, почнеш да плачеш и му кажеш дека повеќе не можеш да живееш таму и дека ќе ви го уништи семејството ако не го дозволи трансферот’.“

Лара веднаш ја прифатила задачата.

„Таа ми рече дека тоа е најмал проблем. На следниот состанок Лука отиде кај претседателот со сопругата, без претходно да му кажеме дека и таа ќе присуствува.“

Нејзиниот настап ја променил атмосферата.

„Му кажа дека повеќе не може да живее таму, дека планира да се пресели и дека Лука нема да биде среќен ако остане. Не можам да кажам дека само тоа го реши трансферот, но сигурно беше еден од клучните моменти.“

Циндриќ потоа потпиша за Барселона, а Јокиќ тој трансфер го вбројува меѓу најдрагите во кариерата.

„Циндриќ во Барселона беше голема сатисфакција“

Јокиќ нема еден трансфер што го издвојува како најголем. Во долгогодишната кариера имал многу зделки што му значеле во различни периоди.

„Можеби би можел за секоја сезона да издвојам по еден омилен трансфер.“

Сепак, преминот на Лука Циндриќ во Барселона има посебно место.

„Циндриќ две години претходно беше прогласен за најдобар играч во Европа. Отиде во Барселона, која долго време ја немаше освоено европската титула, а за четирите години што ги помина таму, клубот двапати стана европски шампион.“

Јокиќ не сака целиот успех да му го припише на Циндриќ, но трансферот му донел големо лично и професионално задоволство.

„Тоа беше огромна сатисфакција и од финансиски и од спортски аспект.“

Посебно му значат трансферите во Вардар и Охрид

Јокиќ има повеќе клиенти и во македонските клубови, а неколку неодамнешни трансфери му биле посебно драги.

„Седиме во Охрид и морам да ги споменам доаѓањата на Дарко Ѓукиќ и Кристијан Пилиповиќ. Посебно драг ми беше и трансферот на Јака Малус во Вардар.“

За тие трансфери бил уверен дека ќе бидат добри и за играчите и за клубовите.

„Бев сигурен дека тоа ќе биде добро. Имало навистина многу трансфери што ми значеле, но овие се свежи и се директно поврзани со Македонија.“

„Македонските играчи немаат потреба да заминуваат по секоја цена“

Македонскиот клупски пазар, според Јокиќ, денес е доволно силен да ги задржи најдобрите домашни ракометари.

„Во Македонија има клубови кои можат да си дозволат да ги задржат македонските играчи. Многу е тешко тие ракометари да добијат подобри договори во Германија или Франција.“

Важен фактор е и правилото според кое клубовите мора да имаат домашни играчи во составот. Истовремено, не станува збор само за еден финансиски моќен клуб.

„Тука има четири сериозни европски клуба. Зборуваме за екипи кои играат во Лигата на шампионите и Европската лига и кои освојуваат европски трофеи.“

Поради тоа, македонските репрезентативци веќе можат да играат на високо европско ниво без да ја напуштат земјата.

„Немаат посебна потреба да заминат во клуб што се бори за опстанок во Франција. И овде можат да играат на највисоко ниво.“

Кузмановски би можел веднаш во Бундес Лигата

На прашањето кој македонски ракометар би му го предложил на спортски директор од Бундес Лигата, Јокиќ издвои едно име.

„Веројатно тоа би бил Филип Кузмановски.“

Кузмановски веќе има искуство од Германија, иако Јокиќ смета дека таму не го покажал најдоброто од себе.

„Тој веќе беше во Бундес Лигата, но јасно е дека во Германија не го играше својот најдобар ракомет.“

Јокиќ потврди и дека постои интерес од странство за македонски играчи, без да открива конкретни имиња или клубови.

„Сигурно ќе има трансфери на македонски играчи. Гледам дека и помладите се мотивирани да заминат во странство, да се обидат и да видат како ќе се снајдат. Такви трансфери сигурно ќе има.“

Безбедносна соба, ловечки кучиња и риболов

Во трансферните преговори не се разговара само за платата, бонусите, автомобилот и станот. Понекогаш играчите имаат барања кои се директно поврзани со нивниот животен стил или со безбедноста.

„Играчите што одат во Израел бараат да имаат безбедносна соба поради можните воздушни напади.“

Еден негов клиент имал ловечки кучиња и не можел да живее во стан.

„Побара куќа со двор за кучињата, но и во близина да има место каде што ќе може да оди на лов.“

Друг играч сакал клуб во близина на место погодно за риболов.

„Има играчи на кои тоа може да им биде важно. Некој бара клуб блиску до место каде што може да оди на риболов, а друг сака да живее во убав град.“

Еден ракометар директно му побарал трансфер во Лисабон.

„Ми рече дека сака да живее во Лисабон и дека таму има два клуба. Ми кажа: ‘Ако можеш да ме однесеш во еден од тие два клуба, ќе ти бидам многу благодарен’.“

„Денес ретко се случува клуб да не го исполни договорот“

Проблемите со неисплатени плати и непочитувани договори денес се многу поретки отколку во минатото. Јокиќ го поврзува тоа со поголемата професионализација, но и со брзото ширење на информациите.

„Живееме во време на социјалните мрежи, сите се добро поврзани и лошиот глас брзо се шири.“

Клубот што нема да ги исполни обврските ризикува сериозно да ја наруши својата репутација кај играчите и менаџерите.

„Многу е ризично клубовите да потпишат нешто што не можат да го исполнат. Во последните десетина години тоа е многу поретко во ракометот.“

Постојат и спортски судови пред кои играчите можат да ги бараат своите побарувања.

„Никој не сака да ризикува спор и постапка. Тоа што е потпишано денес е прилично сигурно.“

„Вардар има најголеми шанси да биде шампион“

Во завршниот дел од разговорот Јокиќ направи прогноза за следната сезона во македонското првенство. Од четирите водечки екипи, Вардар го гледа како најголем фаворит за титулата.

„Мислам дека Вардар има најголеми шанси да биде шампион.“

Сепак, очекува голем напредок и од Охрид.

„Охрид може да направи огромен чекор напред.“

Македонската лига, сепак, влегува во сезона во која однапред не може да се прогласи сигурен шампион.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________