Танкоски: Полната сала покажа дека Струга живее за турнирот и за ракометот

Струга ја доби драмата со Дубочица и обезбеди настап во натпреварот за третото место. За стружани триумфот има посебна важност бидејќи една деценија се немаат вмешано во борба за едно од првите три места. Сега не само што тоа го направија, туку им дадоа надеж на сограѓаните дека и во првенството на Македонија тие ќе имаат солидна улога, и ќе се борат за „златната средина“.

Мечот кој решаваше која екипа ќе игра за 3. место наместо на отвореното игралиште поради дожд беше префрлено во сала. И Струга минимално, 28-27 ја победи Дубочица.

Марио Танкоски кој после долги години повторно се врати дома посебно ја истакна поддршката од публиката, која и покрај преместувањето на натпреварот во сала повторно беше со домашниот тим.

„И покрај тоа што натпреварот беше преместен, салата беше речиси полна. Тоа е уште еден доказ дека Струга живее за овој турнир, но и за ракометот воопшто“, изјави Марио Танкоски по победата над Дубочица.

Домаќинот ја доби неизвесната пресметка со српскиот претставник и по подолго време ќе има можност да се бори за третото место на традиционалниот турнир.

Танкоски признава дека натпреварот можел да заврши и на другата страна, но смета дека Струга подобро ги одиграла клучните моменти.

„Ова беше вистински машки натпревар. Немаше да биде незаслужено и Дубочица да победеше. Мечот беше израмнет, се водеше голема борба, но ние на крајот бевме поприбрани и мислам дека ја заслуживме победата“, вели Танкоски.

Победата има дополнителна тежина за новоформираниот состав на Струга, кој подготовките ги започна подоцна и сè уште работи на воигрување. Сепак, домашниот тим успеа да стигне до мечот за третото место и ќе има можност турнирот пред својата публика да го заврши на победничкиот подиум.

За Танкоски сега најважно е екипата да се регенерира по тешкиот натпревар.

„Следува натпреварот за третото место. Прво треба да преспиеме, да се одмориме бидејќи сме изморени, а потоа ќе размислуваме за тој меч“, порача Танкоски.

Во натпреварот за трето место Струга ќе се сретне со екипата на Прилеп.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, 
приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________