Голманот на Струга, Мартин Јовановски, беше еден од клучните поединци во драматичната победа над Дубочица Лесковац на 54. издание на Струшкиот турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.
Стружани по подолг период стигнаа до победа на традиционалниот турнир, а Јовановски со своите одбрани даде значаен придонес за успехот.
По натпреварот, искусниот голман го анализираше мечот и потенцираше дека за новиот состав на Струга е потребно време за целосно уигрување.
„Морам да кажам дека е подготвителен период и зад нас е еден тежок натпревар. Сепак, ние сме многу нова екипа, имаме многу нови играчи и почнуваме практично од почеток. Ќе ни треба доста време да се составиме и да изгледаме уште подобро на теренот. Но, мислам дека со текот на времето ќе биде сè подобро и подобро.“
Победата над Дубочица е дополнителен мотив за Струга, која веќе денеска ќе игра за третото место на турнирот против Прилеп.
„Оваа победа сигурно ќе ни биде мотив плус. Денеска играме за третото место, ќе пробаме да победиме и да оствариме уште една победа, па ќе видиме како ќе заврши на крајот.“
Јовановски во минатото го носеше дресот на Струга, а во текот на кариерата настапуваше и за повеќе клубови во Македонија и во странство. Со своето искуство сега треба да донесе дополнителна сигурност меѓу стативите, заедно со Костадиновски и Тутенкоски.
Струга ова лето доби нова управа, нов тренер и голем број нови ракометари, а по испаѓањето во баражот за опстанок во Првата лига, клубот доби можност повторно да настапува во Супер лигата. Јовановски откри што го убедило повторно да се врати покрај Црн Дрим.
„Искрено, ме привлекоа луѓето, новата управа и новиот проект околу клубот. Гледате и самите, доста играчи дојдоа. Се надевам дека ова за клубот не е само еден почеток, туку дека ќе биде нешто многу поголемо.“
Искусниот голман не крие дека враќањето во Струга има посебно значење за него.
„Овде искрено се чувствувам добро. И претходниот пат кога сум играл во Струга ми било убаво. Струга ми е некако втор дом, се чувствувам како дома. Тоа беше плус за да дојде до некаков заеднички договор меѓу мене и клубот.“
Со формирањето на новиот состав, Струга има амбиција да биде конкурентна во Супер лигата и да им ги помрси сметките на фаворитите.
„Се надевам дека ќе имаме успешна сезона. Верувам дека овој нов проект ќе донесе нешто поголемо и убаво за Струга.“

























