Екипата на Вардар е вториот финалист на 54. издание на Струшкиот турнир, откако запиша уште една победа, овојпат над Бутел Скопје со 36-24.
Утре од 10:00 часот е натпреварот за петтото место меѓу српската Дубочица Лесковац и Бутел Скопје, потоа од 18:30 часот е пресметката за третото место меѓу домаќинот Струга и Прилеп, а од 20:30 часот е големото финале меѓу бранителот на трофејот Охрид и Вардар. Овој дуел ќе биде реприза од финалето на Купот на Македонија, но и загревање за Супер Куп мечот меѓу истите екипи на 2 септември.

Вардарци уште на почетокот на мечот направија солидна залиха од шест погодоци, но бутелци не се предаваа и успеаја да ја стопат негативата до минус два.
Сепак по тајм-аутот на Чупиќ одново Вардар беше тимот што заигра посериозно и на пауза отиде со плус осум, 21-13. Стоилов и Чупиќ им дадоа шанса на сите ракометари што ги имаа на располагање.
Немаше многу возбудувања до крајот на натпреварот, па Вардар само рутински одработи за втора победа и финале во Струга. Најдобар стрелец во триумфот кај Вардар беше Матео Фадуил со осум погодоци, а голманот Васил Гогов имаше 14 одбрани. Во составот на Бутел Скопје се истакна Матеј Марковски со пет погодоци.

























