СТРУГА 2026: Домаќинот ја доби драмата со Дубочица – ќе игра за третото место

Ракометарите на Струга прославија победа на домашниот турнир над Дубочица Лесковац со 28-27 во драматичен натпревар, во кој покажа желба, борба и мотив за да слави по многу години против странски тим.

Стружани со оваа победа го обезбедија второто место во групата, во која е уште и екипата на Охрид, која е прв финалист. Домаќинот ќе игра за третото место најверојатно против прилепчани.

Српскиот претставник отвори со водство од 5-2, но стружани набрзина успеаја да воспостават рамнотежа и да се вратат во егал, 5-5.

Избраниците на Божидар Мојсов одлично парираа во овие моменти на поискусниот ривал, а голманите Костадиновски и Јовановски имаа солидни петнаесетина минути.

До паузата, Струга обезбеди плус два, 14-12, а слично се одвиваше мечот и на стартот на вториот дел. Но Дубочица воспостави рамнотежа на теренот, успеа да направи пресврт, 20-19.

Имаше српскиот преставник шанса да поведе со плус два, но Костоски казни една грешка на гостите и израмни на 20-20, кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути до крајот на мечот.

 

Стружани силно посакуваа победа, играа добра одбрана, си ги вратија плус два, 24-22, но Дубочица пак успеа да израмни на 25-25 и да внесе возбудувања во финишот. Јукиќ од пенал беше прецизен за плус еден, 26-25, се надоврза Јовановски со одбрана и следуваше нов гол во мрежата на српскиот тим за 27-25 на 60 секунди до крајот.

Јукиќ беше стрелец на голот со кој беше потврдена победата и можеше да почне домашното славје.