Благојче Трајкоски по долго време повторно е во родниот Прилеп и не ја крие радоста што кариерата ја продолжува дома. Искусниот голман верува дека екипата има квалитет за плеј-оф, а паралелно веќе почнува да ја гради и својата идна приказна како тренер на голмани.
Искусниот голман Благојче Трајкоски по 21 година се враќа во родниот Прилеп, откако како младинец замина во МРК Вардар и направи одлична кариера низ Kуманово, Радовиш, МАКС Струмица, Охрид, Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, а бранеше и во Автокоманда и Бутел Скопје.
Трајкоски летово повторно се врати во родниот град и во дресот на Прилеп, со јасна желба да му помогне на клубот да направи чекор напред во новата сезона. За искусниот голман ова враќање има посебна тежина.
„При крај сум на кариерата, но се враќам дома со многу радост. Срцето ми е полно – нема ништо поубаво од тоа да се вратиш дома“, вели Трајкоски.
На стартот на Струшкиот турнир тој беше меѓу клучните поединци, и запиша 16 одбрани на мечот со Бутел Скопје, што многу веројатно ќе им донесе битка за третото место на турнирот.
Амбициите во Прилеп сезонава се повисоки. Екипата сака место во плеј-офот, а Трајкоски верува дека составот има доволно квалитет за да ја оствари таа цел.
„Се надеваме на плеј-оф и искрено веруваме дека можеме да го оствариме тоа. Екипата е подготвена, играчкиот кадар е подготвен за она што нè очекува. Тука сме јас, Димитар Димитриоски и уште неколку поискусни играчи, а верувам дека и помладите ќе се вклопат во тој победнички менталитет. Целта е на крајот да избориме место во плеј-офот и повторно да го израдуваме Прилеп.“
Трајкоски е еден од најискусните голмани во македонскиот ракомет, но вели дека годините воопшто не му ја намалиле желбата за игра. Напротив, секој следен натпревар го гледа како нов предизвик.
„Кај голманите навистина е така – колку си поискусен, толку можеш да бидеш подобар. Мотив имам исто како и првиот ден кога почнав да играм ракомет. Мотивот воопшто не е исчезнат.“
Тој не ја чувствува лидерската улога како притисок.
„Не чувствувам притисок, за мене тоа е предизвик. Можеби како еден од лидерите треба да носиш поголема одговорност, но јас не го гледам тоа така. За мене предизвик е на секој следен натпревар екипата да биде сè подобра и со моја помош да стигнува до добри резултати.“

Покрај него, Прилеп има и помлади голмани, а Трајкоски е задоволен од нивниот однос кон работата.
„Имам само пофални зборови за моите нови колеги. Слушаат, работат и го прифаќаат секој совет. Сакаат да научат нови работи и постојано ме прашуваат, а тоа е многу важно кај еден млад играч или голман.“
Особено го радува тоа што не се плашат да бараат совет.
„Многу е добро кога младите не чекаат само нешто да им кажеш и не се срамат да прашаат. Самите доаѓаат и прашуваат – како да реагираат во одредена позиција, како да се подготват пред натпревар, како да реагираат по натпревар. Можам да кажам дека Прилеп има иднина на голманската позиција.“
Трајкоски веќе почна да размислува и за периодот по завршувањето на играчката кариера. Во последниот период беше дел и од стручниот штаб на младинската репрезентација, каде работеше со голманите, а тоа искуство дополнително му ја потврди желбата еден ден целосно да се посвети на тренерската работа.
„Тоа е моја голема желба по завршувањето на играчката кариера. Сакам да бидам тренер на голмани. Како што ме исполнува тоа што сега бранам, исто така ме исполнува и работата како тренер на голмани.“

Тој веќе знае во која насока сака да оди.
„Во иднина, не знам дали тоа ќе биде во блиска или малку подалечна иднина, сакам да се посветам исклучиво на работа со голмани.“
Комбинацијата на играчките и тренерските обврски не е едноставна, но Трајкоски вели дека кога нешто го исполнува, полесно се поднесува целиот напор.
„Не е лесно да се комбинираат двете работи. За мене ова беше прво вистинско тренерско искуство. Практично целиот летен одмор бев ангажиран со репрезентацијата, но кога нешто те исполнува, тогаш тоа не ти претставува проблем.“
И покрај сите обврски, успеал да го задржи фокусот и на сопствените подготовки.
„Успеав да ги искомбинирам моите подготовки како играч, а паралелно да работам и со голманите на младинската репрезентација. Мислам дека за мене успешно завршија и двете обврски.“
Сега фокусот повторно е на Прилеп. На тимот што сака плеј-оф, на младите кои треба да растат и на една сезона во која Трајкоски сака уште еднаш да покаже дека искуството на голот може да биде клучна разлика.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























