Јукиќ: Струга има квалитет, со работа можеме да направиме добра сезона

Никола Јукиќ го одигра првиот натпревар во дресот на Струга токму против својот поранешен клуб Охрид. Искусниот хрватски десен бек верува дека новоформираната екипа има потенцијал, но нагласува дека во моментов најважни се работата и воигрувањето.

Едно од најзвучните засилувања на Струга за новата сезона, Никола Јукиќ, дебитираше за својот нов клуб на отворањето на традиционалниот турнир покрај езерото. Постигна 7 гола за Струга, а домаќините загубија 24-37.

Судбината сакаше неговиот прв натпревар во дресот на Струга да биде токму против Охрид, клуб за кој претходно настапуваше во Македонија. Стружани загубија од актуелниот бранител на трофејот, но особено во првото полувреме покажаа дека новиот состав има потенцијал да се носи и со поквалитетни и повоиграни екипи.

За Јукиќ ова е ново поглавје во кариерата, но враќање во добро позната средина. Тој веќе го познава македонскиот ракомет од периодот минат во Охрид, а зад себе има и богато интернационално искуство со настапи во Франција, Грција и Саудиска Арабија.

„Ми се допадна тука, интересен проект е, сакам да помогнам, да ја вратиме Струга на вистински пат, вели Јукиќ

Јукиќ е свесен дека на екипата ќе ѝ биде потребно време. Голем дел од ракометарите се нови, подготовките почнаа подоцна од повеќето конкуренти и токму турнирот во Струга треба да послужи за создавање на првите автоматизми во играта.

Сепак, првиот меч против Охрид покажа дека Струга нема намера однапред да се помири со улогата на екипа од долниот дел на табелата.

„Се надеваме дека ќе биде успешна сезона за клубот, за нас играчите и за сите навивачи. Прво треба да работиме, а потоа сè ќе си дојде на свое место“, порача Јукиќ.

Во Струга веруваат дека составот што е создаден има доволно квалитет и искуство за да биде конкурентен во новата сезона. Плеј-офот е предизвик за кој ќе треба многу работа, особено затоа што екипата допрва треба целосно да се воигра.

 

View this post on Instagram

A post shared by 24 Rakomet (@24rakomet)

Јукиќ е еден од играчите од кои се очекува да преземат поголема одговорност. Искусниот десен бек ја познава лигата, дел од противниците му се добро познати, а интернационалното искуство треба да биде дополнителна вредност за тимот.

Против Охрид се виде дека Струга има моменти во кои може да парира и на екипа што во минатата сезона стигна до европски трофеј. Сепак, за Јукиќ и неговите соиграчи во овој период резултатите не се единственото мерило.

Поважно е за кратко време да се создаде екипа што ќе функционира како целина и која подготвено ќе го дочека стартот на првенството.

„Прво работата, а потоа ќе дојдат и резултатите“, е пораката на новиот десен бек на Струга.

За Јукиќ ова е враќање покрај истото езеро, но во поинаква боја и со нова задача. По периодот во Охрид и интернационалните ангажмани, сега ќе се обиде своето искуство да го стави во функција на новиот проект на Струга.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________