Мартин Карапалевски по две сезони во Шпанија повторно е на македонската ракометна сцена, сега во дресот на Охрид. Првиот настап со новиот клуб го имаше токму на турнирот во Струга, место кое добро го познава од претходните настапи со Вардар.
Охрид победнички го отвори настапот на турнирот во Струга, победувајќи со 37-24, а еден од ракометарите кои летово пристигнаа во редовите на актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп е Мартин Карапалевски.
Средниот бек се врати во Македонија по две сезони минати во Шпанија, а првиот натпревар со новата екипа го одигра на добро познат терен. Карапалевски во минатото двапати настапувал на Струшкиот турнир како ракометар на Вардар.
„Не ми е ништо ново. Сум играл тука со Вардар и добро го познавам турнирот. Секогаш е убаво да се игра во Струга, на отворено и во ваква атмосфера“, вели Карапалевски.
Брзо се вклопи во новиот Охрид
Иако за него Охрид е нов клуб, голем дел од соиграчите добро ги познава од претходно. Со дел од нив играл во Вардар, а со други во македонските репрезентации, па периодот на адаптација бил многу пократок.
„Со многу од играчите сме играле заедно и во Вардар и во репрезентацијата. Се познаваме добро и поради тоа многу брзо се вклопив. Брзо се договоривме и брзо се навикнав на новата средина“, истакна Карапалевски.
Сепак, Охрид летово направи значителни промени во составот и на екипата ќе ѝ биде потребно време сите нови ракометари целосно да се вклопат во системот на Борис Ројевиќ.
Тоа можеше да се почувствува и во дел од првиот натпревар во Струга.
„Не стануваше збор за потценување. Едноставно, сè уште се воигруваме. Имаме доста нови играчи и, иако меѓусебно се познаваме, повторно треба да се научат новите акции и да се вклопиме како екипа. Се надевам дека од натпревар во натпревар ќе изгледаме сè подобро“, вели Карапалевски.
Навикнат е на притисок
Во Шпанија, Карапалевски настапуваше во поинаква средина, а со враќањето во Македонија повторно е дел од клуб со високи амбиции и очекувања за трофеи. За него тоа не претставува нешто ново.
„Навикнат сум на тој притисок. Го имав и додека играв за Вардар. Нормално е да постои позитивна трема, таа те движи и ти дава дополнителен мотив“, вели повремениот македонски репрезентативец.
Притисокот во Охрид сезонава ќе биде уште поголем по историскиот успех и освојувањето на ЕХФ Европскиот куп.
„По освоената европска титула нормално е очекувањата да бидат поголеми. Луѓето очекуваат најмалку да го повториме успехот од минатата сезона, а наша желба е да се обидеме да донесеме уште некој трофеј во Охрид.“
Можно финале против клубот во кој порасна
Охрид и Вардар се во различни групи во Струга, па доколку двете екипи го освојат првото место, би можеле да се сретнат во финалето.
Таков натпревар би бил посебен за Карапалевски. Вардар е клубот во кој израсна и во кој помина голем дел од својата кариера.
„Вардар беше мој дом уште од мојата 15-та година. Таму секогаш се чувствував како дома. Нормално дека би било малку чудно да играм против Вардар“, признава Карапалевски.
Но емоциите ќе останат на страна доколку дојде до таква пресметка.
„Јас сум професионалец. Ако играме против Вардар, ќе дадам сè од себе за Охрид и, нормално, ќе сакаме да победиме на тој натпревар“, порача Карапалевски.
За Охрид турнирот во Струга е само една од првите проверки во подготовките за сезона во која очекувањата повторно се високи. По оовј турнир охриѓани ќе бидат домаќини следната недела на нов, силен меѓународен турнир со 8 екипи.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























