Марко Ѓорчески го имаше својот прв настап за РК Вардар во победата над Прилеп со 39-29 на стартот од турнирот во Струга. Младиот бек не го крие задоволството што ја добил шансата од Иван Чупиќ, а неговите амбиции се високи - трофеј во Струга, домашни титули и што подолг пат во Лигата на шампионите.
Вардар победнички го отвори настапот на турнирот во Струга, победувајќи со 39-29 (18-13) а дуелот со Прилеп имаше посебно значење за Марко Ѓорчески. Младиот бек го одигра првиот натпревар во дресот на актуелниот македонски шампион и со тоа ја започна својата нова ракометна приказна. И постигна 2 гола.
За Ѓорчески самата можност да биде дел од Вардар носи голема тежина.
„Сите знаеме каков клуб е Вардар – двократен европски шампион. Не е мала работа да се биде дел од ваков клуб. За мене е огромна чест и задоволство што играм за Вардар и што добивам шанса од тренерот Иван Чупиќ. Многу сум среќен и се надевам дека на овој турнир ќе добијам добра можност да се покажам“, вели Ѓорчески.
Вардар на првиот меч во Струга славеше со десет гола разлика, но младиот бек нагласува дека Прилеп е квалитетен противник кој во новата сезона има повисоки амбиции.
„Игравме против квалитетна екипа на Прилеп, која сезонава има големи амбиции. Најважно е што победивме и се надевам дека ќе стигнеме до финалето и дека сè ќе оди според планот.“
Следува Бутел – Вардар не сака потценување
Следниот противник на „црвено-црните“ во групната фаза е Бутел. Со нов триумф Вардар би го потврдил првото место во групата и би обезбедил настап во финалето.
Иако скопскиот ривал влегува во сезоната со подмладен состав, Ѓорчески потенцира дека нема простор за опуштање.
„Бутел е подмладена екипа. Ние влегуваме како фаворити, но воопшто нема да ги потцениме. Ќе влеземе сто проценти во натпреварот. Тренерот ќе подготви тактика, наше е да ја испочитуваме и да одиграме како што треба“, истакна бекот на Вардар.
За Ѓорчески целта во Струга е едноставна – трофејот.
„Мојата цел на овој турнир е да го освоиме. Не е важно кој ќе биде од другата страна и кој ќе дојде од другата група. Кога играш за Вардар, секогаш целиш на највисокото.“
Амбициите не завршуваат во Струга
Турнирот е само почеток на долгата сезона во која Вардар ќе има обврски на неколку фронта. Освен одбраната на домашните трофеи, „црвено-црните“ ќе настапуваат и во Регионалната лига, а по пауза повторно се враќаат и меѓу европската елита во Лигата на шампионите.
Ѓорчески вели дека во соблекувалната нема недостаток на амбиции.
„Имаме навистина високи очекувања. Сакаме да ја освоиме шампионската титула, Купот, Регионалната лига, едноставно сакаме да се бориме за секој трофеј.“
Посебна мотивација ќе биде враќањето на Вардар во Лигата на шампионите.
„Вардар по неколку години повторно се враќа во Лигата на шампионите и тоа е голема работа. Очекуваме полна сала во ‘Јане Сандански’ на секој натпревар и максимална поддршка од навивачите.“
Младиот бек оди и чекор подалеку кога станува збор за европските амбиции.
„Целиме високо и во Лигата на шампионите. Нашата желба е Фајнал фор и нема да се задоволуваме со помалку. Знаеме дека тоа е огромна цел, но кога си дел од Вардар мора да имаш највисоки амбиции“, порача Ѓорчески.
Првиот чекор е направен со победата над Прилеп. Следниот е Бутел, а доколку Вардар ја оправда фаворитската улога, потоа ќе следува и битката за првиот пехар во подготвителниот период.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























