СТРУГА 2026 ПОЧНУВА: Вардар фаворит, Охрид го брани пехарот – четири дена ракомет покрај Црн Дрим

Од денеска до 15 август Струга повторно ќе биде центарот на ракометот. Вардар влегува како прв фаворит, Охрид го брани пехарот, домаќинот Струга има нов и амбициозен тим, а Прилеп, Бутел и Дубочица ќе бараат своја шанса. Сите девет натпревари ќе одат во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.

Почнува ракометната магија покрај Црн Дрим. Денеска на отвореното игралиште во Струга стартува 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“, традиционална манифестација која повеќе од половина век е еден од симболите на спортска Струга.

Од 12 до 15 август ќе бидат одиграни девет натпревари, шест во групната фаза и три за конечен пласман. Учествуваат пет македонски екипи – Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп и домаќинот Струга, како и Дубочица од Лесковац, која го носи меѓународниот карактер на годинашното издание.

Турнирот се игра на отворено, но на Герфлор подлога каква што се користи на најголемите натпреварувања. Главен покровител е Министерството за спорт, а поддршка дава и Ракометната федерација на Македонија.

Традиција што почна во 1973 година

Приказната на Струшкиот турнир почна во 1973 година. Оттогаш низ игралиштето покрај езерото поминале големи клубови, репрезентации и бројни познати имиња од европскиот и светскиот ракомет.

Турнирот е најстариот ракометен турнир во Македонија и еден од најдолговечните во регионот. Рекордери според бројот на трофеи се Вардар и Еурофарм Пелистер со по 14 освоени турнири. И двете екипи имаат серија од по пет последователени триумфи, и се единствени според тоа на турнирот.

Охрид е актуелен победник. „Гладијаторите“ минатата година во финалето го совладаа Бутел и за првпат го кренаа пехарот во Струга. Домаќинот, пак, само еднаш славел на сопствениот турнир – во 1990 година.

И токму тоа е една од посебностите на Струга – резултатите се менуваат, екипите доаѓаат и заминуваат, но секој август ракометот повторно се враќа на истото место, под отворено небо.

Две групи – само првопласираните во финале
Шесте екипи се поделени во две групи.
Група А:
Вардар
Бутел Скопје
Прилеп

Група Б:
Струга
Охрид
Дубочица Лесковац

Групната фаза ќе трае од 12 до 14 август, а последниот ден е резервиран за натпреварите за петтото и третото место и за големото финале.

Вардар прв фаворит, Охрид го брани пехарот

Ако се гледаат составите, резултатите од минатата сезона и изјавите од останатите учесници, Вардар ја има улогата на прв фаворит.

„Црвено-црните“ во Струга пристигнуваат како освојувачи на двојната круна во Македонија, како екипа од Топ-8 во Лига Европа, со дополнително засилен состав и со враќање во Лигата на шампионите пред себе. Иван Чупиќ не бега од фаворитската улога.

„На хартија изгледа дека сме фаворити против Прилеп и Бутел. Очекуваме да играме во финалето. Како и секогаш, ќе се концентрираме на себе. Сакам да видам мотивиран тим кој ќе напредува како колектив“, порача тренерот на Вардар.

Но, Охрид има сериозна причина да размислува за ново финале. Екипата на Борис Ројевиќ го брани трофејот во Струга, а зад себе има историска сезона во која го освои ЕХФ Европскиот куп. Охриѓани беа и финалисти во Купот на Македонија.

Ројевиќ, сепак, фаворитската улога му ја препушта на Вардар.

„Вардар направи навистина фантастичен тим за оваа сезона. Според мене, екипата е за 30-40 проценти посилна од минатата година и сосема заслужено е прв фаворит за освојување на турнирот“, смета тренерот на Охрид.

Поради распоредот во различни групи, Вардар и Охрид можат да се сретнат во финалето. Тоа би било реприза на финалето од Купот на Македонија, но и можна генерална проба за нивната пресметка во Суперкупот на почетокот на септември.

Што велат шесте екипи?

Вардар – Иван Чупиќ (тренер)
За Вардар турнирот е почеток на серијата контролни натпревари пред сезоната.„Нормално е да очекуваме да почнеме со победи и добро да се претставиме. Нè очекува многу тежок и густ распоред, па мораме уште отсега да почнеме да ја фаќаме формата.“

Охрид – Борис Ројевиќ (тренер)
Бранителот на пехарот во Струга доаѓа комплетен, но резултатот не е единствената цел.
„Ќе ротираме многу затоа што резултатот во овој момент не ни е во прв план. Фокусот е на воигрување и проверка на сите играчи, а добра работа е што доаѓаме во комплетен состав.“

Прилеп – Димитар Димитриоски (капитен)
Прилеп сака плеј-оф во новата сезона, а капитенот Димитриоски турнирот го гледа како одлична проверка.
„Нашата екипа доаѓа во полн состав, подготвена за борба, докажување и со желба за што подобар пласман.“

Бутел Скопје – Стојанче Стоилов (тренер)
Минатогодишниот финалист пристигнува со нов тренер и подмладена екипа. Стојанче Стоилов ја започнува својата прва сезона како прв тренер на Бутел, а концептот останува јасен – простор за младите македонски ракометари и создавање конкурентна екипа.
„Ќе продолжиме со истиот концепт – давање шанса на млади македонски ракометари“, порача Стоилов при преземањето на клубот.

Дубочица 54 – Саша Пејчиќ (тренер)
Четвртопласираната екипа од минатата сезона во Србија, која обезбеди и европски настап, ќе биде единствениот странски гостин.
„Исклучително ни е задоволство што ќе учествуваме на еден од најугледните ракометни турнири во регионот. Очекуваме квалитетни натпревари против силни противници, кои ќе ни помогнат да го подигнеме нивото на формата.“

Струга – домаќинот сака да биде „тврд орев“
Струга летово направи голема реконструкција на тимот. Божидар Мојсов го презеде тренерското место, а меѓу засилувањата е и стружанецот Марио Танкоски, кој по повеќе години повторно ќе го носи дресот на матичниот клуб.

Пораката од домашниот табор е јасна – Струга сака да биде добар домаќин, но на теренот и „тврд орев“ за секој противник. Танкоски ќе биде еден од лидерите на новиот состав.

Комплетен распоред – „Струга 2026“

12 август
18,30 – Вардар – Прилеп
20,00 – Свечено отворање
21,15 – Струга – Охрид

13 август
18,30 – Прилеп – Бутел Скопје
20,30 – Охрид – Дубочица

14 август
18,30 – Струга – Дубочица
20,30 – Бутел Скопје – Вардар

15 август
10 – натпревар за 5. место
18 – натпревар за 3. место
20,30 – ФИНАЛЕ

24Ракомет – сите натпревари во живо и сè за турнирот на едно место

24Ракомет и годинава е медиумски партнер на Струшкиот турнир и ќе обезбеди целосно покривање на сите четири натпреварувачки дена.

Сите девет натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет, со коментар на македонски јазик. Пред и по натпреварите ќе има изјави од тренерите и ракометарите, а во текот на турнирот ќе се објавуваат извештаи, интервјуа, фотографии, видеа, резултати и табели.

На 24Ракомет е отворен и посебен дел „Струга 2026“, каде на едно место ќе бидат собрани сите информации, најави, извештаи, резултати, табели, галерии, видеа и линкови до директните преноси.

Четири дена, шест екипи и девет натпревари.
Од денеска, ракометот повторно се враќа таму каде што во август има посебен звук – под отворено небо, покрај Охридското Езеро и Црн Дрим.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________