Петте македонски екипи-учесници на годинешниот турнир ги предводат тренери кои веќе имаат своја историја покрај Црн Дрим. Некои настапувале како играчи, некои освојувале индивидуални награди, а тројца веќе биле дел од екипи што го кревале победничкиот пехар.
Турнирот во Струга низ годините бил место на кое се претставувале нови ракометари, се создавале големи имиња и почнувале успешни сезони. Дел од некогашните учесници денес се враќаат покрај Црн Дрим во сосема поинаква улога – како тренери на екипите што ќе се борат за трофејот на 54. издание.
Од петте тренери на македонските учесници, тројца веќе биле дел од освојување на турнирот – Стојанче Стоилов како играч на Вардар, Божидар Мојсов како член на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер и Борис Ројевиќ како прв тренер на Охрид.
Танески од најдобар стрелец до тренер на Прилеп
Наум Танески годинава ќе го предводи Прилеп, но неговата поврзаност со турнирот во Струга почнала многу порано.
Тој настапувал за Струга Илинден, а во 2002 година бил прогласен за најдобар стрелец на турнирот. Танески тогаш постигнал 27 гола и го освоил најзначајното индивидуално признание за еден напаѓач.
Турнирот во 2002 година го освоил Пелистер, но наградата за најдобар стрелец останала кај домашниот тим.
Повеќе од две децении подоцна, Танески повторно ќе биде дел од турнирот, овојпат покрај теренот. Како тренер на Прилеп ќе се обиде да изгради екипа што во новата сезона сака да се врати во плеј-офот.
Стоилов има трофеј како играч на Вардар
Новиот тренер на Бутел Скопје, Стојанче Стоилов, многупати настапувал на турнирот во дресот на Вардар. Во 2020 година беше дел од вардаровиот состав кој стигна до финалето, но тогаш Еурофарм Пелистер славеше со 26-23.
Само една година подоцна, Стоилов како капитен на Вардар стигна до победничкиот пехар. Во драматичното финале во 2021 година, Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 33-32 по продолженија.
Стоилов сега се враќа како тренер на Бутел, клуб кој минатата година играше во финалето. Тој ќе се обиде уште на својот прв турнир како главен тренер да стигне до нова борба за трофејот.
Чупиќ настапувал како играч, сега се враќа како тренер
Иван Чупиќ годинава ќе го предводи Вардар, но и тој добро знае како изгледа настапот на отвореното игралиште во Струга.
Чупиќ беше дел од составот на Вардар на турнирот во 2020 година. Скопјани стигнаа до финалето, но таму загубија од Еурофарм Пелистер со 26-23.
Хрватот тогаш беше еден од најискусните играчи во вардаровиот состав, а турнирот беше една од главните проверки пред почетокот на сезоната.
Шест години подоцна, Чупиќ се враќа во Струга како тренер. Тој ќе го предводи најтрофејниот клуб во историјата на турнирот, кој има 14 освоени пехари и годинава повторно ќе биде меѓу кандидатите за највисок пласман.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
Ројевиќ го освои турнирот уште на дебито
Борис Ројевиќ е единствениот од годинашните тренери кој доаѓа во Струга како актуелен освојувач на турнирот. Српскиот стратег минатата година првпат учествуваше на турнирот и веднаш стигна до трофејот. Охрид во финалето го совлада Бутел Скопје со 30-24 и ја освои првата титула во клупската историја на турнирот.
Триумфот во Струга беше почеток на најуспешната сезона во историјата на Охрид. „Гладијаторите“ потоа стигнаа до финалето на Купот на Македонија и го освоија ЕХФ Европскиот куп.
Ројевиќ и годинава се враќа со големи амбиции, а Охрид ќе се обиде да стане првиот клуб по Шарт во 2017 година кој успеал да го одбрани трофејот.
Мојсов бил дел од победничкиот штаб на Пелистер
Божидар Мојсов ќе го предводи домаќинот Струга, а и тој зад себе има победничко искуство од турнирот.
Мојсов долги години беше дел од проектите на Еурофарм Работник и Еурофарм Пелистер. Во сезоната 2022/23 работеше како помошник во стручниот штаб на битолскиот клуб.
Еурофарм Пелистер во август 2022 година го освои јубилејното 50. издание на турнирот, откако во финалето го совлада Целје по изведување седмерци.
Годинава неговата задача е поинаква. Тој ќе го предводи домаќинот, кој за краток период состави сериозен и искусен тим и сака да има многу позначајна улога во споредба со претходните изданија.
Тројца имаат трофеј, еден индивидуална награда
Кога ќе се соберат нивните резултати, годинашните тренери веќе имаат значајно искуство од турнирот:
- Стојанче Стоилов – победник во 2021 година како играч на РК Вардар
- Божидар Мојсов – дел од победничкиот стручен штаб на Еурофарм Пелистер во 2022 година
- Борис Ројевиќ – победник во 2025 година како тренер на Охрид
- Наум Танески – најдобар стрелец во 2002 година како играч на Струга Илинден
- Иван Чупиќ – финалист во 2020 година како играч на Вардар
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























