СТРУГА 2026: ДАЛИ ЗНАЕТЕ – домаќинот по долго време не е само учесник!

Струга за 54. издание на турнирот „„Вангел Баљукоски – Баљук“состави искусен и конкурентен тим. Марио Танкоски е најзвучното име во ростерот кој треба да донесе нова енергија покрај Црн Дрим. Во изминатите години Струга најчесто настапуваше на домашниот турнир со млад и скромен состав, а главната цел беше екипата да се подготви за новата сезона.

Годинава ситуацијата е поинаква. Домаќинот на 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир по подолг период формираше состав со повеќе искусни и докажани суперлигашки ракометари.

Стружанецот Танкоски се враќа во матичната средина по настапите за Металург, Еурофарм Пелистер и Вардар, со кој минатата сезона ја освои двојната круна.

Танкоски треба да биде организатор на играта и лидер на новиот проект, но тој не е единственото звучно засилување.

Во Струга пристигнаа и искусното десно крило Мице Шилегов, кружниот напаѓач Костадин Петров, бекот Дарко Георгиевски Оса, како и Пеце Рајатоски и голманот Мартин Јовановски. Во тимот се врати и Христијан Крстаноски, па домаќинот ќе има значително поголема ширина и искуство во споредба со претходните сезони. Србинот Предраг Родиќ исто така доаѓа во составот на Божидар Мојсов.

Формирањето на екипата почна во краток период, но ростерот веќе изгледа како еден од најсериозните што Струга ги имала во поновата историја.

Првиот вистински тест ќе биде токму домашниот турнир. Струга е во група со актуелниот победник Охрид и српскиот претставник Дубочица од Лесковац. Домаќинот нема да има лесен пат, но за разлика од повеќе претходни изданија, годинава не треба да се гледа само како екипа што ја пополнува групата.

Последен пат Струга го освоила турнирот во 1990 година. Новиот тим има можност да ја врати публиката, да создаде нова енергија на трибините и да покаже дека домаќинот повторно може да има важна улога во борбата за висок пласман.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾