Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Актуелниот победник на Струшкиот турнир и освојувач на ЕХФ Европскиот куп доаѓа со комплетен и дополнително засилен состав. Тренерот Борис Ројевиќ најавува подеднаква минутажа за сите ракометари, сериозни проверки против Струга и Дубочица и постепено подигнување на формата пред почетокот на новата сезона.
Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот. На отвореното игралиште покрај Охридското Езеро ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“, на кој ќе настапат шест екипи.
24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Охрид покрај езерото доаѓа како бранител на трофејот. „Гладијаторите“ минатата година во финалето го совладаа Бутел со 30-24 и го освоија првиот трофеј во клупската историја од Струшкиот турнир. Сега задачата ќе биде уште потешка, бидејќи тимот на Борис Ројевиќ во новата сезона влегува како освојувач на ЕХФ Европскиот куп и како еден од главните кандидати за домашните трофеи.
Сите ракометари ќе добијат шанса
Охриѓани во Струга нема да бидат насочени исклучиво кон резултатот. Ројевиќ планира да го искористи турнирот за да им даде минутажа на сите ракометари и да провери на кое ниво се наоѓаат по првиот дел од подготовките.
„Струшкиот турнир ќе ни послужи пред сè за сите играчи да добијат подеднаква шанса и минутажа. Во овој дел од подготовките најважно ни е да видиме на кое ниво е секој играч – и физички и тактички, за да добиеме појасна слика пред почетокот на сезоната“, вели Ројевиќ.
Српскиот стратег веќе добро знае што носи настапот покрај езерото. Минатата година на своето прво учество со Охрид стигна до трофејот, а позитивното искуство е една од причините клубот повторно да биде дел од турнирот.
„Веќе сум учествувал на турнирот во Струга и можам да кажам дека станува збор за многу квалитетен и добро организиран турнир. Токму поради тоа позитивно искуство повторно доаѓаме, бидејќи сметаме дека ова е одлична можност за подготовка преку силни натпревари“, истакнува тренерот на Охрид.
Струга и Дубочица се сериозни проверки
Охрид ќе игра во група со домаќинот Струга и српскиот суперлигаш Дубочица од Лесковац. Првиот натпревар ќе биде „езерското дерби“ меѓу Струга и Охрид, додека во второто коло бранителот на трофејот ќе се сретне со Дубочица.
Ројевиќ очекува две тешки средби против екипи што имаат квалитет да казнат секое опуштање.
„Во групата нè очекуваат две многу добри екипи. Дубочица подолг период го гради овој тим и има континуитет, додека Струга донесе неколку квалитетни играчи за оваа сезона, па нè очекуваат сериозни натпревари“, смета Ројевиќ.
Струга, иако првично остана без суперлигашки статус, за краток период создаде силен состав со кој сака добро да се претстави пред домашната публика. Дубочица, пак, повторно ќе биде единствениот странски учесник на турнирот и ќе се обиде да го расипе планот на двете езерски екипи.
Резултатот, сепак, нема да биде единственото мерило за Ројевиќ.
„Во Струга ќе ротираме многу затоа што резултатот во овој момент не ни е во прв план. Фокусот е на воигрувањето и проверката на сите играчи, а добра работа е што доаѓаме во комплетен состав“, вели Ројевиќ.

Вардар е прв фаворит, можна е нова битка за трофеј
Иако Охрид го брани трофејот, Ројевиќ фаворитската улога му ја препушта на Вардар. Според него, „црвено-црните“ создале значително посилен состав во споредба со минатата сезона.
„Вардар направи навистина фантастичен тим за оваа сезона. Според мене, екипата е за 30 до 40 проценти посилна од минатата година и сосема заслужено е прв фаворит за освојување на турнирот“, вели Ројевиќ.
Вардар и Охрид зад себе имаат сезона во која заедно освоија три трофеи. Вардар стана шампион и го освои Купот на Македонија, додека Охрид го донесе првиот европски трофеј во клупската историја, откако во финалниот двомеч од ЕХФ Европскиот куп двапати ја победи Татабања, со 29-28 во Унгарија и со 31-25 во „Билјанини Извори“.
Двете екипи играа и во финалето на Купот на Македонија, а по квалитетот и амбициите повторно можат да се сметаат за најсериозни кандидати за пласман во финалето во Струга. До нивна пресметка може да дојде само во натпреварот за трофејот, бидејќи се наоѓаат во различни групи.
Струга би можела да биде и генерална проба за првиот официјален трофеј во новата сезона. Вардар и Охрид на 2 септември ќе играат во Супер Купот на Македонија. Вардар таму ќе настапи како освојувач на двојната круна, додека Охрид го доби местото како финалист во Купот.
Осум нови ракометари за уште посилен Охрид
Охрид во новата сезона влегува со осум нови ракометари. Во клубот пристигнаа хрватскиот репрезентативен голман Дино Славиќ од Лимож и унгарскиот десен бек Доминик Мате од Елверум.
Средната бековска линија е засилена со Мартин Карапалевски, кој се врати во Македонија по настапите за Ваљадолид, и со охриѓанецот Мартин Ивановски.
Нов член е и досегашниот капитен на Партизан и српски репрезентативец Никола Зечевиќ, како и поранешното крило на ПСЖ, Адама Кеита, кој доаѓа од АЕК Атина. На пивотменската позиција пристигна јапонскиот репрезентативец Шуичи Јошида од Нант. Последното засилување е Филип Талески, кој минатата сезона играше за Татабања и токму против Охрид настапи во финалето на ЕХФ Европскиот куп.
Заминаа дел од хероите од европскиот поход
Покрај осумте нови имиња, Охрид остана и без дел од ракометарите што учествуваа во историската сезона. Голманот Кристијан Пилиповиќ се пресели во швајцарски Криенс Луцерн, а Дејан Кукуловски стана член на Металопластика Шабац. Од клубот замина и Владимир Бојани, кој го засили Младост Богданци.
Соработката не беше продолжена со Стефан Петриќ и Џанфранко Прибетиќ, додека шпанскиот дефанзивец Ориол Реј Моралес се пресели во Висла Плоцк. Вуко Борозан се врати во Скопје.
Косуке Јасухира, еден од најзаслужните за европскиот трофеј, мораше да се врати во Бурган и да го одработи договорот со клубот од Кувајт. Јапонецот веќе има договор да се врати во Охрид во летото 2027 година.
Повторно борба на четири фронта
Пред Охрид е сезона со голем број натпревари. Покрај домашното првенство, Купот и одбраната на трофејот во ЕХФ Европскиот куп, „гладијаторите“ ќе настапуваат и во Регионалната лига, во група со Вардар, Војводина, Динамо Панчево и Будва.
Ројевиќ не сака да поставува големи цели само преку зборови. Неговата намера е екипата постепено да расте, а резултатите да дојдат како производ на секојдневната работа.
„Целите се исти како и минатата сезона – да го извлечеме максимумот од секој тренинг и секој натпревар. Сакаме да напредуваме како тим од ден на ден и секогаш да го претставуваме клубот на најдобар можен начин“, заврши Ројевиќ.
ОХРИД – клупски информации
Состав за сезоната 2026/27
Голмани: Дино Славиќ, Бојан Блажески, Даниел Ѓорѓески, Бојан Крстевски
Леви крила: Гоце Ојлески, Никола Ристески, Адама Кеита
Десни крила: Дарко Ѓукиќ, Ален Ќосевски,
Бекови: Анте Иванковиќ, Томислав Јагуриновски, Тилен Стрмљан, Ловро Јотиќ, Мартин Карапалевски, Давид Савревски, Мартин Ивановски, Доминик Мате, Никола Зечевиќ, Филип Талески
Пикери: Николаос Лиапис, Иван Тасески, Шуичи Јошида
Тренер: Борис Ројевиќ
ИГРАЧИ ШТО ДОЈДОА
Дино Славиќ , Доминик Мате, Мартин Карапалевски, Никола Зечевиќ, Адама Кеита, Шуичи Јошида, Мартин Ивановски, Филип Талески
ИГРАЧИ ШТО ЗАМИНАА
Кристијан Пилиповиќ, Дејан Кукуловски, Ориол Реј Моралес, Вуко Борозан, Владимир Бојаниќ, Стефан Петриќ, Џанфранко Прибетиќ, Косуке Јасухира
Распоред на Охрид во Струга
12 август
21,15 часот – Струга – Охрид
13 август
20,30 часот – Охрид – Дубочица
15 август
Меч за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























