Тиквеш од Кавадарци активно работи на формирање на играчкиот ростер за претстојната сезона во која ќе биде активен и на домашна и на меѓународна сцена, па ќе има повеќе предизвици.
Откако стана познато дека Кристијан Грчевски ќе продолжи да го води кавадаречкиот клуб, раководството работи на комплетирање на ростерот, а веќе е познато името на петтото засилување.
Според информациите на 24Ракомет, на чекор до потпис со Тиквеш е досегашниот голман на Пролет, Бојан Солев. Велешанецот кој настапуваше во родниот град за Борец ФЛ, претходно и во Словенија, со успех го бранеше голот на Пролет.
Кавадарчани останаа без двајца голмани – Василије Печурица кој замина во Будванска Ривиера и Благој Панов, кој се пресели во Младост Богданци, па најважно беше да се најде нов чувар на мрежата кој ќе му се приклучи на Марјан Велков.
Претходно Тиквеш се договори со левите бекови Мохамед Бен Махмуд и Тоше Ончев, средниот бек Томислав Димковски, како и кружниот напаѓач Борјан Цековски, а допрва ќе има уште некое ново име.
Кавадарчани ќе играат и во ЕХФ Европскиот Куп, ќе стартуваат од првата рунда и ќе се соочат со Еш од Луксембург.
























