„Непријатно е кога ќе прочитам дека сум идиот“ – најдобриот светски ракометар си ја отвори душата

Матијас Гидсел е најдобриот ракометар на светот, олимписки шампион, светски првак, лидер на Фуксе Берлин и играч што на теренот речиси секогаш изгледа како да има решение за сè. Но, надвор од теренот, и тој се соочува со нешто што сè потешко се контролира во модерниот спорт – навредите на интернет.

Данскиот ас отворено зборуваше за темната страна на популарноста и призна дека негативните коментари и личните навреди на социјалните мрежи го погодуваат повеќе отколку што изгледа однадвор. Иако е навикнат на притисок, големи натпревари, критики и очекувања, Гидсел вели дека понекогаш е тешко да се направи разлика меѓу спортска критика и напад врз човекот.

„Како човек, тешко е да се справиш со тоа. Како спортист можам да го прифатам. Но, понекогаш сум само човек и непријатно е да читам кога некој пишува дека сум идиот“, изјави Гидсел.

Данецот има околу 290.000 следбеници на социјалните мрежи, што за ракометни рамки е голема бројка. Но, ако се спореди со глобалните спортски индустрии како фудбалот и кошарката, разликата е огромна. Во фудбалот, Кристијано Роналдо има над 600 милиони следбеници на Инстаграм, Лионел Меси над 500 милиони, Килијан Мбапе над 120 милиони, а Ерлинг Халанд над 40 милиони. Во кошарката, пак, Леброн Џејмс има над 150 милиони, Стеф Кари над 50 милиони, додека Лука Дончиќ има над 10 милиони следбеници.

Но, бројките не ја менуваат суштината. Без разлика дали спортистот има неколку стотици илјади или неколку стотици милиони следбеници, навредата останува навреда. Гидсел признава дека еден негативен коментар понекогаш може да одземе повеќе енергија од десетици позитивни пораки.

Ѕвездата на Данска и Фуксе Берлин вели дека дел од критиките се поврзани со неговиот статус во ракометот. Како најдобар играч на светот, често станува „лице“ на сè што дел од навивачите го сметаат за проблем во модерниот ракомет – чекори, судиски критериум, контакт игра или начин на движење.

„Како најдобар играч на светот, станав симбол на сè што луѓето мислат дека е погрешно во ракометот. Им се чини дека ме напаѓаат мене, но всушност ја критикуваат самата игра. Сите прават дополнителни чекори – и Гисли, и Кестер, и многу други“, вели Гидсел.

Тој не бега од спортската критика. Напротив, вели дека како професионалец може да прифати кога некој не се согласува со неговата игра, кога некој смета дека направил чекори или дека не заслужил одредена судиска одлука. Проблемот, според него, почнува кога критиката преминува во лични навреди.

„Луѓето можат да напишат „чекори“ или да кажат дека не им се допаѓам. Но, кога некој седи дома зад тастатура и навредува друг човек, тоа кажува повеќе за него отколку за мене. Немам почит кон оние што се кријат зад екран и не се осмелуваат тоа да го кажат лично“, порача данскиот репрезентативец.

Гидсел откри дека навредите не стигнуваат само преку јавни коментари, туку и преку приватни пораки. Во време кога спортистите се постојано достапни за јавноста, границата меѓу поддршка, критика и напад станува сè потенка.

И покрај тоа, Данецот се обидува да се фокусира на позитивната страна. Посебно му значи тоа што многу деца го гледаат како идол и пример.

„Кога толку многу деца велат дека сум нивни идол, тоа значи дека сепак нешто правам правилно. Најважното што го сфатив е дека на еден негативен коментар трошиш повеќе енергија отколку на 99 позитивни. Затоа се трудам да се концентрирам на доброто“, истакна Гидсел.

____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________