Тиквеш го потврди новото засилување за следната сезона. Нов член на кавадаречкиот суперлигаш е тунискиот интернационалец Мохамед Азиз Бен Махфуд, кој во изминатиот период настапуваше за Еурофарм Пелистер 2 и беше еден од најзабележителните играчи во македонската Супер лига.
Станува збор за 29-годишен лев бек, кој зад себе има одлична сезона во дресот на битолскиот состав. Бен Махфуд беше меѓу главните носители на играта на Еурофарм Пелистер 2, а сезоната ја заврши меѓу најдобрите три стрелци во Македонија, со 179 погодоци на 30 одиграни натпревари.
Тој учинок најдобро покажува каков профил на играч добива Тиквеш – бек што може да преземе одговорност, и да погодува. Бен Махфуд во Битола пристигна како еден од најталентираните туниски ракометари.
Тиквеш со неговиот потпис добива сериозно засилување во бековската линија, особено ако се земе предвид дека кавадарчани во новата сезона повторно ќе се обидат да бидат дел од плеј-оф друштвото. Во клубот останува тренерот Кристијан Грчевски, што значи дека ќе има континуитет на клупата, но и обид составот да се надгради со играчи што веќе имаат докажан квалитет во Супер лигата.
Бен Махфуд е второто звучно име што доаѓа во Тиквеш за новата сезона. Претходно кавадарчани го потврдија и ангажманот на искусниот лев бек Тоше Ончев, кој минатата сезона настапуваше за Куманово. Со Ончев и Бен Махфуд во ростерот, Тиквеш добива далеку поголема ширина на бековските позиции и повеќе опции во нападот.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























