Тиквеш не менува – Грчевски останува на клупата и во новата сезона

Кристијан Грчевски и во следната сезона ќе го предводи Тиквеш, дознава 24Ракомет. Кавадаречкиот суперлигаш продолжува со истиот тренер, откако раководството на клубот реши да му даде доверба на стратегот кој во изминатиот период го водеше тимот во домашниот шампионат, но и на европската сцена.

Грчевски пристигна во Тиквеш во септември 2024 година, кога го презеде тимот на местото на Драган Марковиќ. Уште на стартот го чекаше сериозен предизвик, бидејќи кавадарчани, покрај настапите во домашното првенство, имаа и европски обврски. Претходно повеќе сезони беше тренер на Бутел.

Во домашниот шампионат, Тиквеш под водство на Грчевски обезбеди место во плеј-офот на Супер лигата, и во континуитет. Така и сезонава стигнаа меѓу шесте најдобри екипи, а управата побара и вајлд-карта за Купот на ЕХФ.

Покрај клупскиот ангажман, Грчевски во изминатиот период беше и селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. На таа функција беше назначен во септември 2023 година, кога го наследи Љубомир Савевски. Со женската репрезентација, Грчевски обезбеди настап на Европското првенство 2024, каде Македонија играше во групата со Шведска, Унгарија и Турција. Под негово водство националниот тим продолжи да биде дел од европската карта, а подоцна Македонија избори пласман и на следното Европско првенство.

Во Тиквеш сега следува период на формирање на ростерот за новата сезона, во која целта повторно ќе биде стабилен настап, борба за плеј-оф и задржување на клубот во кругот на екипи што имаат амбиција за излез на меѓународна сцена.