Ерата на Филип Јиха на клупата на Кил заврши. Германскиот гигант официјално се раздели со чешката ракометна легенда, иако неговиот договор беше продолжен до 2028 година.
Кил зад себе ја има една од најразочарувачките сезони во поновата историја. Тимот заврши на шестото место во Бундес лигата и за првпат по 33 години нема да настапува во ниту едно европско натпреварување, што беше една од главните причини за одлуката на раководството да направи промена на тренерската позиција.
Јиха го презеде Кил во 2019 година, откако претходно беше помошник тренер, а како предводник на „зебрите“ освои една титула во Лигата на шампионите (2020), три шампионски титули во Германија (2020, 2021 и 2023), два Купа на Германија (2022 и 2025), како и четири Супер купа.
По деталната анализа на сезоната, клубот реши да стави крај на седумгодишната соработка со еден од најголемите играчи и тренери во својата историја.























