ЖРК Ѓорче Петров продолжува со задржување на играчкиот кадар за новата сезона, во која ќе ја брани двојната круна на домашната сцена и ќе настапува во Лига Европа и во Регионалната лига. Ново име на листата ракометарки што остануваат во Скопје е црногорската голманка Милена Вујисиќ.
Вујисиќ и следната сезона ќе го носи дресот на македонскиот шампион, што е уште еден важен потег во составувањето на ростерот за натпреварувачката 2026/27. Ѓорче Петров сезонава ја освои титулата и Купот на Македонија, а со тоа уште еднаш ја потврди доминацијата во женскиот ракомет.
Станува збор за голманка од Црна Гора, родена на 24 декември 2002 година во Подгорица. Во Ѓорче Петров пристигна пред почетокот на минатата сезона од хрватскиот тим Замет Ријека, како едно од засилувањата со кои клубот го надгради составот за домашните и европските обврски.
Останувањето на Вујисиќ е значајно и поради новиот европски предизвик. Ѓорче Петров следната сезона ќе игра во Лига Европа, натпреварување кое носи посилен ритам, поквалитетни противници и потреба од поширок ростер. Исто така „лавиците“ треба да играат и во новоформираната Регионална лига. Во таква сезона, стабилна голманска линија може да биде еден од клучните фактори за добар настап.
Претходно клубот потврди и дека Марија Јовановска останува во клубот, а триото голманките минатата сезона го сочинуваа заедно со Вујисиќ и Дарија Наумоска. Ова лето македонскиот шампион донесе уште една Црногорка – Нина Вуксановиќ.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























