Европската ракометна федерација потврди дека Франција и Белгија ќе бидат коорганизатори на Европското првенство за жени во 2030 година.
Одлуката ја донесе Извршниот комитет на ЕХФ на состанокот во Келн. Шампионатот ќе се игра од 28 ноември до 15 декември 2030 година.
Во Франција, натпреварите ќе се организираат во Данкерк, Нант и Париз, додека белгискиот град домаќин ќе биде Антверпен.
ЕХФ воедно потврди и дека Швајцарија, со Цуг како можен град домаќин, може дополнително да се приклучи во организацијата, но само доколку бидат исполнети сите организациски услови.
Овој шампионат ќе биде посебен и поради тоа што ќе биде првото женско Европско првенство што ќе се игра според нов систем, со воведување четвртфинале. Токму тоа е една од најзначајните новини што ЕХФ ги најавува за идните континентални турнири во женска конкуренција.
























