Светската ракометна федерација официјално го најави воведувањето на „ИХФ трофеј“ – ново сениорско натпреварување кое претставува значаен чекор во развојот на ракометот на глобално ниво.
Овој проект е дел од четиригодишниот план на ИХФ и има за цел да обезбеди јасна и структурирана патека за меѓународни натпреварувања за сите земји, особено за оние кои ретко настапуваат на светската сцена.
По успехот на ИХФ Трофејот во младинските и кадетските категории, федерацијата одлучи да го прошири концептот и на сениорско ниво. Целта е да се заокружи системот за развој, од младински категории до сениорска конкуренција.
„ИХФ трофејот“ е наменет пред сè за репрезентации во развој. Селекциите кои се пласирале на две од последните три Светски првенства нема да имаат право на учество, а најмалку 30% од играчите во составот ќе треба да имаат настапувано во младинските или кадетските ИХФ Трофеи, со што се поттикнува континуитетот во развојот.
ИХФ ќе покрива значителен дел од трошоците, патувања, сместување, организација, како и техничка поддршка.
Натпреварувањето ќе биде организирано по континенти, а победниците од сите континенти ќе се борат за билет за Светско првенство. Ова значи дека многу веројатно, стандардната вајлд-карта на ИХФ за Мундијалите нема повеќе да се доделува туку ќе биде резервирана за победникот на ИХФ трофејот.
Дополнително светската куќа на ракометот ќе го објасни патот најпрво до континенталните ИХФ трофеи, како и до интерконтиненталното од кое најдобрата селекција ќе се пласира на СП.
Машката селекција е дел од големите натпреварувања подолго време, додека вакво натпреварување би било прилика и женската репрезентација покрај стандардните квалификации, да може и преку вакво натпреварување да се избори за настап на Мундијал, каде последен пат играше во далечната 2007 година.

























