Најдобриот стрелец во суперлигашкото друштво, Димитар Димитриоски, и наредната сезона ќе игра во Македонија.
Според информациите на 24Ракомет, левото крило ја продолжи соработката со Прилеп за наредната сезона, па и натаму ќе биде ударната игра во клубот предводен од Наум Танески.
Димитриоски по камбекoт од Асобал лигата каде играше три сезони во дресот на Ваљадолид, ги покажа своите квалитети и во дресот на Прилеп. Тој низ својата кариера ги бранеше боите на Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер 2, а сега настапува во родниот град.
Прилепчани најавуваат зголемени амбиции за следната сезона и бркање на плеј-оф, а за таа цел планот е да се задржи костурот на тимот. Интернационалното трио Кастратовиќ, Квастек и Шабановиќ имаат договори и за наредната сезона, а формирањето на домашниот ростер започнува со нов потпис од Димитриоски.
Оваа сезона досега, на 24 натпревари, Димитриоски успеа да постигне 161 погодок и тоа со висока реализација од 81%, највисока од сите ТОП 30 стрелци во Супер лигата.























