Кризен состанок во Веспрем – Ако не се остварат целите, ќе има последици за сите!

Во унгарскиот ракометен гигант Веспрем се одржа вонредна средба на раководството по новиот разочарувачки резултат во Лигата на шампионите.

Веспрем по 14 меча од групната фаза оствари само седум победи, а чашата ја прели поразот од Алборг на домашен терен што можеше да му донесе на тимот на Пасквал место погоре во групата.

Тренерот Пасквал по натпреварот беше исклучително самокритичен и изјави дека изданието на неговата екипа било „катастрофално“.

Извршниот директор на клубот, Чаба Барта, порача дека ситуацијата бара сериозна реакција и дека е потребна „силна интервенција“ за да се стабилизира тимот и да се подобрат резултатите.

Тој во соопштението што беше објавено на клупската веб-страница најави – ако не бидат остварени целите оваа сезона, ќе има последици за сите, што индиректно значи дека тренерот Пасквал ќе може да си ги пакува куферите ако не донесе пласман на Ф4 или титула во Унгарија.

Навивачите по мечот со Алборг побараа оставка од Пасквал, а реагираат и на ангажманот на многуте египетски репрезентативци во клубот, кои не го испорачуваат тоа што се очекува од нив.

Веспрем во последните сезони вложува огромни средства и составува екипа со врвни европски ѕвезди со јасна цел, освојување на Лигата на шампионите. Сега Веспрем ќе мора по потежок пат до Ф4, прво мора да го елиминира ПСЖ, а потоа и Фуксе Берлин, што ќе биде тешка задача, а на домашна сцена ќе го има ПИК Сегед за ривал во распределбата на трофеите.