Со комплетирањето на дуелите од главната рунда на ЕП 2026, се комплетираа патниците од континенталниот собир на СП 2027, а тоа се Хрватска, Исланд, Шведска и Португалија, а денеска ќе бидат формирани бараж двојките преку кои Македонија ќе се бори за мундијалски билет.
Македонската машка репрезентација по настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, на кое заврши на 14 место, се врти кон Мундијалот во Германија наредната година.
Покрај домаќинот Германија и светскиот првак Данска, како и претходно наведените четири репрезентации (Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска), од Европа преку бараж дуели уште десет селекции ќе патуваат на Мундијалот.
Македонија е дел од првиот шешир, а таму и се приклучија селекциите што се пласирани од 7 до 16 место на ЕП – Франција, Словенија, Норвешка, Унгарија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Холандија и Австрија.
Македонија со пласманот на 14 место, не само што ќе игра еден бараж (третиот), туку доби место во првиот шешир за ждрепката. Нашите ракометари ќе ги играат двата меча за пласман на Мундијалот во мај.
Веќе се одиграа натпреварите од првиот бараж, преку кои Летонија, Турција и Косово, обезбедија место во вториот бараж. Тие дуели на кои ќе играат и шесте најслаби од ЕП 2026 ќе се играат во март, а веќе се познати двојките.
Меѓу посакуваните ривали сигурно се победниците од дуелите меѓу Грција/Белгија, Турција/Романија, Украина/Словачка, па и Босна и Херцеговина/Косово…би било одлично ако се избегнат Србија (која претходно треба да игра со Литванија), „нагазните мини“ од типот на Италија, Грузија (која игра со Израел), Полска (која ќе се соочи со Летонија), Црна Гора (која игра против Финска), а сигурно нема да биде големо задоволството ако треба да се соочиме со Чешка…
СП 2027 Германија, квалификации:
БАРАЖ 1 (29.10.2025/01-02.11.2025)
Летонија – Луксембург 28-20, 34-33
Кипар – Турција 27-33, 19-35
Велика Британија – Косово 26-32, 30-35
БАРАЖ 2 (18-19.03.2026/21-22.03.2026)
Босна и Херцеговина – Koсово
Грузија – Израел
Украина – Словачка
Србија – Литванија
Полска – Летонија
Турција – Романија
Грција – Белгија
Финска – Црна Гора
БАРАЖ 3 (13-14.06.2026/16-17.05.2026)
шешир 1: Франција, Норвешка, Унгариjа, Швајцарија, Шпанија, Словенија, Фарски Острови, Македонија, Холандија, Австрија.
шешир 2: Чешка, Италија, Босна и Херцеговина/Косово, Грузија/Израел, Украина/Словачка, Србија/Литванија, Полска/Летонија, Турција/Романија, Грција/Белгија, Финска/Црна Гора.
Десет места на СП 2027 ќе бидат пополнети преку овие бараж натпревари, таму се веќе организторот Германија и светскиот првак Данска, како и најдобрите четири од ЕП (Шведска, Португалија, Хрватска и Исланд).
Од Азија на Мундијалот ќе играат Јапонија, Катар, Бахреин и Кувајт, од Африка во Германија патуваат Египет, Тунис, Зеленортски Острови, Алжир и Ангола, од Средна и Јужна Америка мундијалски билет имаат Бразил, Аргентина, Чиле и Уругвај, додека во мај ќе се знае првакот на првенството од Северна Америка и Кариби, како и „добитниците“ на двете вајлд-карти од ИХФ.
Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година во шест градови – Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.























