Четири репрезентации преку ЕП „извадија“ мундијалски билет

Поради тоа што домаќинот на претстојното СП 2027, Германија, но и актуелниот светски првак Данска се пласираа во полуфиналето на ЕП 2026, селекциите што завршија во ТОП 6, обезбедија директно место на Мундијалот наредната година.

Четири билети од ЕП 2026 што водат на СП 2027 ги „чекираа“ селекциите на Хрватска, Исланд, Шведска и Португалија, па мечот за петтото место меѓу Шведска и Португалија ќе биде само за престиж.

Претходно на СП 2027 од Африка се пласираа Египет, Алжир, Тунис и Зеленортските Острови, додека петтиот учесник од Африка ќе биде познат по разигрувањето за пласман од 5 до 8 место во кое ќе играат Нигерија, Гвинеја, Марко и Ангола.

Пласман на СП обезбедија четирите најдобри од Средна и Јужна Америка – Бразил, Аргентина, Уругвај и Чиле, додека од Азискиот континент на СП се пласираа Катар, Бахреин, Јапонија и Кувајт.

Останатите 13 места на Мундијалот ќе бидат пополнети од Европа (10), Северна Америка и Кариби (1) и вајлд-карти (2). Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година во шест градови – Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.