Генералниот секретар на Ракометната Федерација на Македонија, Влатко Тасевски, беше дел од „Grassroots“ конференција во организација на Европската ракометна федерација.
Конференцијата се одржа во Малме, Шведска, во рамките на Европското првенство, а ова беше втората што се одржа во организација на европската куќа на ракометот. Свои говори имаа Андреа Лекиќ, Катрине Лунде, Љубомир Врањеш и други експерти во своите области.
Нејзината главна тема е „развојот на играта и градењето на спортисти, лидери и амбасадори на ракометот“. Програмата „Grassroots“ е насочена кон развој на спортот на основно ниво, со посебен акцент на младите категории.
Престојот во Малме, Тасевски го искористи и за средби со различни експерти од областа на ракометот, разменувајќи искуства и идеи за унапредување на ракометот, и развојот на младите категории, развојот на „мини ракометот“…
Програмата „Grassroots“ претставува еден од најзначајните проекти на ЕХФ за долгорочен развој на ракометот кај младите.























