Тимот на Еурофарм Пелистер 2 загуби на гостувањето кај „сино-белите“ во Автокоманда со 37-25 во натпревар од 9 коло од Супер лигата.
Младите битолчани му парираа на домашниот тим дваесетина минути и одржуваа пристојна негатива меѓу еден и два гола, но потоа избраниците на Кирил Лазаров ги казнуваа сите грешки на гостите преку Џонов и Костески за плус пет, 15-10.
До паузата „сино-белите“ од Автокоманда поведоа со 20-11, а вториот дел го одиграа рутински и без особени проблеми ја довршија започнатата работа.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Серафимов со осум и Костески со седум погодоци, додека Митревски даде исто толку за битолчани.
Во следното суперлигашко коло, кое ќе биде на програмата по репрезентативната пауза, Еурофарм Пелистер 2 ќе играат дома против Радовиш, додека момците на Лазаров ќе ја пречекаат Струга.


























