Иван Чупиќ: Вардар треба од март до јуни да игра најдобар ракомет – во меѓувреме да победува и освојува бодови

Вардар утре го почнува својот поход во новата сезона на Лига Европа, а прв противник е Сесвете од Хрватска. Македонскиот тим има нов тим со повеќе нови играчи, а во Лига Европа влегува со амбиции да стигне што подалеку. Во домашното првенство има серија од 7/7, и добиени две дерби средби со Еурофарм Пелистер и со Охрид.

„ Имаме 7/7 во домашно првенство, а екипата добива облик каков сакаме да имаме и да играме. Не може ништо да се направи за 2-3 месеци и да се освои. Нашата лига е маратон, има добри екипи и секој меч е важен. Во однос на тоа сме на самиот почеток. Во однос на Европа сакаме играчите да знаат што значи дресот на Вардар, колку е тоа важно. Ако впишеме и плус уште два бода утре ќе добиеме на самодоверба, и според мене од март до јуни треба да го играме најдобриот ракомет што може. Во меѓувреме треба и да се добиваат мечеви, да се добиваат дерби средби и да се победува, вели Иван Чупиќ тренерот на Вардар.

За мечот со Сесвете во составот сигурно ќе ги нема Еспиња, Кеита, Лазаревски, Стаменковиќ и Танкоски.

„Првите четворица веројатно ќе ги немаме во овој есенски дел, и ќе играат во пролетниот дел. Танкоски е пред враќање, последните десетина дена има проблем со рбетот. Работи и на терапии оди. Овој состав што беше со Еурофарм Пелистер и Прилеп, ќе биде и на следните четири мечеви до репрезентативната пауза, вели Чупиќ.