Екипите кои имаат сериозни шанси да играат во четврт-финалето на пионерската лига, и со тоа да конкурираат за пласман на Ф4, веќе се издвоија на табелата по 4 коло одиграно викендов. Останува уште мечот Пролет – Охрид да се одигра во среда, за комплетирање, но и без тој меч веќе се познати осумте екипи што имаат амбиции за завршниот турнир.
Мулти Есенс, Струга, Охрид, Вардар, Еурофарм Пелистер 2, Куманово, Алкалоид и Македонија ЃП се одвоија од другите екипи. Од седум одиграни натпревари, на пет триумфираа гостите.
Дербито се играше во Куманово каде гостуваше ланскиот вицепрвак, Еурофарм Пелистер 2, и битолчани во ниту еден момент не му дозволија на домаќинот, ниту да се понадева на бодови. Ако првиот дел беше „горе-долу“ рамноправен, во вториот гостите ја направија разликата што им ја донесе победата. Андреј Китески со гола и Матеј Мачковски со 6 беа најефикасни во тимот на Еурофарм Пелистер 2, додека кај домашните Михаил Милановски даде 6 гола.
Покрај трите гостински победа во Б групата, само Македонија ЃП се радуваше на домашен терен со триумфот од 30-24 против Радовиш.
Се беше решено уште во првото полувреме кога „дробилицата“ поведе со 20-11. Иако гостите го добија вториот дел, сепак предноста беше превисока за стигнување. Владимир Иванов со 9 и Јаков Атанасовски со 7 беа најефикасни кај домашните, а Давид Ѓорѓиев постигна 8 гола за Радовиш.
Вардар имаше по принципот „топло-ладно“ на гостувањето кај ДИНГ во Струга, и за разлика од првиот пат кога освои бод против Струга, сега го победи вториот тим од Струга со 18-17 што се натпреварува во пионерската лига. Водеа „црвено-црните“ на полувреме со 10-8, а само што почна второто полувреме ДИНГ направи пресврт. Домашните имаа два гола предност во 35 минута (16-14) по што следуваше серија од 4-0 на младите вардаци за водство 18-16 во последната минута.
Давид Марјановиќ со 5 гола, и Борис Илковски, Теодор Кочовски и Марко Анастасиевски сите со по 3 гола беа најпрецизни кај Вардар. Кај Динг, Матеј Ковачески имаше 7 гола, Горазд Олјески 5 гола.
РЕЗУЛТАТИ
ГРУПА А:
Резултати 4 коло:
Динг – Вардар 17-18
Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер 26-11
Бутел – Струга 16-31
Пролет – Охрид (15.10.2025)
ТАБЕЛА: Мулти Есенс 8, Струга 7, Охрид 6 (-1 меч), Вардар 5, Прилеп и Пролет (-1 меч) по 2 бода, Динг, Еурофарм Пелистер и Бутел без бодови.
СЛЕДНО КОЛО: Охрид – Мулти Есенс, Струга – Прилеп, Вардар – Бутел, Еурофарм Пелистер – Динг
ГРУПА Б:
Резултати 4 коло:
Шампион – Алкалоид 7-49
Куманово – Еурофарм Пелистер 17-23
Гемиџии – Младост 20-23
Македонија ЃП – Радовиш 30-24
ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 2 8 бода, Куманово, Алкалид и Македонија ЃП по 6 бода, Тиквеш, Младост и Радовиш по 2 бода, Гемиџии и Шампион без бодови.
СЛЕДНО КОЛО: Радовиш – Гемиџии, Еурофарм Пелистер 2 – Македонија ЃП, Алкалоид – Куманово, Младост – Тиквеш