Павле Атанасијевиќ со најатрактивен гол во 4. коло на Лигата на шампионите!

И покрај тоа што Еурофарм Пелистер не успеа да стигне до бодови на гостувањето кај Висла Плоcк, македонскиот првак доби големо признание на европско ниво. Европската ракометна федерација (EHF) го избра голот на Павле Атанасијевиќ за најатрактивен погодок во 4. коло од групната фаза на Лигата на шампионите.

Во конкуренција со неколку врвни играчи од најсилните клубови во Европа, како Марио Шоштариќ (ПИК Сегед), Мартијм Кошта (Спортинг), Тијаго Петрис (Веспрем) и Тобијас Грендал (Фуксе Берлин), токму македонскиот ракометар успеа да го освои првото место со својата маестрална реализација.

Атанасијевиќ блесна со атрактивен погодок по индивидуален продор и прецизен шут кој заврши под пречката – потег што го воодушеви ракометниот свет и заслужено се најде на врвот на листата „Top 5 Goals – Round 4 powered by Gorenje“.

Иако Еурофарм Пелистер загуби со 36-25 на гостувањето во Полска, екипата на Рубен Гарабаја покажа борбеност и остави солиден впечаток, особено во првиот дел од натпреварот.