Тимот на Охрид претстојниот викенд на домашен терен ќе има шанса да прослави пласман во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп.
Кружниот напаѓач Иван Тасески ги сподели очекувањата од претстојните средби со азербејџанскиот Баку.
„Атмосферата е одлична во екипата. Со сите момци што дојдоа ова лето веќе имаме добра хемија, добро се подготвуваме за овој двомеч. Втора сезона по ред излегуваме на европска сцена. Како што кажа тренерот со наша добра игра, уште по првиот меч да го осигураме местото во следната рунда“, вели Тасески.
Тој ги повика сите навивачи и љубители на ракометот да дојдат во салата.
„Ги повикувам навивачите ‘Рибари’ и сите љубители на ракометот да дојдат во што поголем број и заедно да се радуваме на пласманот во следното коло“, заврши Тасески.
Двете средби меѓу Охрид и Баку ќе се играат на 11 и 12 октомври од 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.