Актуелниот првак на Полска, Висла Плоцк, пред мечот со Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, освои нови бодови во домашното првенство совладувајќи го Хробри Глогов на гостински терен со 33-25.
Иако резултатот изгледа убедливо, патот до победата не беше лесен – избраниците на Чави Сабате мораа сериозно да се потрудат, особено во првото полувреме исполнето со драма и црвен картон за Леон Шушња, 15-14.
Во вториот дел, шампионот експлодира. Со серија од четири брзи гола – два на Фазекаш, по еден на Сердио и Михиќ, Висла поведе со 21-16, го наруши ритамот на домашните и до крајот одработи без проблеми.
Клучна улога имаше искусниот Мирко Алиловиќ, кој запре 11 удари, а Абел Сердио доминираше во нападот со шест гола од шест обиди, а исто толку голови дадоа и Јанц и Дашек. На овој меч тренерот Сабате ги одмораше голманот Тонрбјорн Бергеруд, левиот бек Сергеј Марк Косоротов, дефанзивецот Мирсад Терзиќ…
Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Еурофарм Пелистер се игра во среда со почеток од 18:45 часот.