Милосављев „спушти ролетна“ – Фуксе моќен во Келце, ПИК Сегед ја доби драмата со ПСЖ

Фуксе Берлин полесно од очекувањата славеше со убедливи 37-32 кај Келце, иако во ростерот имаше само 13 ракометари. Победникот беше решен уште по дваесетина минути, кога „лисиците“ поведоа со 20-10 и до крајот немаше никаква неизвесност.

Најголема заслуга за триумфот на германскиот шампион имаше голманот Дејан Милосављев кој запре 17 удари на домашните, а Матијас Гидсел даде 13 гола. Во домашниот тим се истакна Алекс Душебаев со девет погодоци.

Барселона гостуваше кај Загреб и го победи хрватскиот првак со 32-25. По почетните 3-3, каталонскиот гигант си го „фати редот“, обезбеди плус шест, 14-8, предводен од голманот Нилсен кој имаше девет одбрани во првото полувреме што заврши 17-12.

Во второто полувреме гостите одработија само рутински и не дозволија камбек на домаќините. Емил Нилсен блескаше со 15 одбрани, а триото Јанц, Мем и Гомез имаа по шест гола, додека кај Загреб, Главаш даде пет гола.

Најинтересно беше на дуелот меѓу ПИК Сегед и ПСЖ, кој заврши 31-29. Избраниците на Стефан Мадсен имаа плус четири, 9-5, но унгарскиот вицепрвак не се откажуваше и со серија голови успеа да се врати во егал до паузата, 17-17.

Од 12-12 во првиот дел, имаше дури 17 израмнувања на резултатот до 28-28 кога остануваа да се играат уште пет минути. Тогаш на сцена стапи голманот на ПИК Сегед, Тобијас Тулин, кој запре пенал на Шипжак, потоа и удар на Јахја, а домаќините казнија преку Смарасон на два пати за 31-29 и голема победа.

Миклер имаше десет одбрани, Тулин пет, но во клучни моменти, а најдобри стрелци со по седум гола беа Смарасон и Гарсијандија. Кај ПСЖ, Карлсон постигна седум погодоци.