Атанасијевиќ: Ќе дадеме 200% за победнички да го прославиме роденденот на „Чкембари“

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре го очекува еден од најважните натпревари во оваа сезона во Лигата на шампионите.

Во Битола ќе гостува данскиот ГОГ Гудме, натпревар на кој може да се бараат нови бодови во најелитната конкуренција.

Левото крило Петар Атанасијевиќ очекува со триумф да биде прославен роденденот на навивачката група „Чкембари“, која слави 40 години.

„Се подготвуваме максимално за ГОГ. Тоа е млада екипа, трчаат многу, типично скандинавска екипа. Сме играле многупати против вакви тимови, некогаш сме победувале и сме поминувале добро, но и лошо. Ќе го дадеме нашиот максимум исто како против Загреб и против ПСЖ. Очекуваме победа и да ги израдуваме нашите ‘Чкембари’, кои слават 40 години. Сите ќе дадеме 200% од нашите сили и секогаш ќе се бориме до последната секунда“, вели Атанасијевиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ГОГ Гудме се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ во 20:45 часот.