Динамо на Јаневски спремен за „големи дела“ – Партизан падна во Панчево!

Динамо Панчево приреди изненадување во второто коло од српскиот шампионат откако на домашен терен го совлада актуелниот шампион Партизан со 32-30. Четата на Никола Јаневски одигра одличен меч и уште еднаш покажа дека најдобрите натпревари ги игра против „црно-белите“.

Иако Партизан водеше најголем дел од натпреварот со еден до два гола разлика, домаќините ја искористија кризата на фаворитот и од 23-24 направија серија за водство од 27-25 во 49. минута. Партизан се врати, но во самиот финиш блескаа левото крило Марко Перовиќ и пикерот Илија Богдановиќ, додека голманот Никола Чировиќ со неколку клучни интервенции ја запечати победата.

Перовиќ и Богдановиќ беа најефикасни со по седум гола, а се истакнаа и Ѓорѓе Ранчиќ со пет, како и Лука Митровиќ, Никола Бекиќ и Лео Фејеш со по три погодоци. Чировиќ собра десет одбрани.

Кај Партизан по седум гола постигнаа Никола Црноглавац и Симо Шијан, додека Иван Миќиќ имаше пет. Меѓутоа, голманите не беа на потребното ниво – Трнавац имаше само четири одбрани, а Зориќ остана без ниту една.

Со оваа победа, Динамо најави дека може да биде сериозен претендент за висок пласман и евентуален напад на трофеите оваа сезона, а тоа го најави со одличните партии против силните екипи на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид.