По поразот од Алборг, унгарскиот гигант Веспрем, ја запиша првата победа во Лигата на шампионите, откако славеше над францускиот Нант со 30-25. Веспрем отвори одлично и поведе со три гола, но како одминуваше времето така Нант се враќаше во игра, па на минута до одморот стигна до реми, 15-15. Сепак Али Зеин и Пешмалбек се погрижија за водство на Веспрем на паузата, 17-15.
Коралес бранеше одлично, па унгарскиот првак клучната предност ја направи во средината на вториот дел кога отиде на плус шест, 24-18 и веќе немаше назад за Нант. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Деска со осум и Ремили со шест гола, а голманот Коралес имаше 18 интервенции со 42% на успешност. Во францускиот тим се истакнаа Леополд и Бос со по пет погодоци, а голманот Биоска запиша 13 одбрани.
Германскиот првак Фуксе Берлин по неубедливите партии на стартот на сезоната, конечно одигра еден меч на ниво и го победија данскиот Алборг. Во „Макс Шмелинг Арена“, избраниците на Николај Крикау славеа со 31-28.
Само во првите петнаесетина минути се играше израмнето, 7-7, а потоа се беше во знакот на „лисиците“, кои на паузата водеа со 17-13. Во второто полувреме рутински ја задржаа разликата и не дозволија ривалот да помисли на камбек во мечот. Беше 23-16 и се што направија гостите е што ја намалија негативата до крајот на мечот.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гидсел со осум и Фрајхофер со седум гола, а Милосављев одбрани десет удари. Кај Алборг, по пет гола имаа Јенсен и Арнолдсен, а голманот Ландин се врати на терените со пет одбрани.
Ослабениот Келце без Влах, Кадах, Јарошевич…немаше шанси на гостувањето кај Спортинг Лисабон и се враќа со висок пораз, 41-37. Португалскиот првак во финишот на првото полувреме ја направи клучната разлика кога по нерешените 10-10, отиде на плус шест, 18-12. Во вториот дел Келце заигра подобро, успеа да намали на минус три, но Каралек доби црвен картон, Спортинг отиде одново на безбедни 28-23 и веќе немаше назад за Келце.
Предводници на Спортинг Лисабон беа Салвадор и Кико Кошта со по девет гола, а за Келце, Шичко даде осум. Голманите и на двете екипи комбинирано имаа само по пет одбрани.