Паличка го откажа Динамо Букурешт, Шоштариќ со 12 од 12 го потопи Гудме!

Норвешкиот првак Колстад по поразот од Келце, успеа да ја забележи првата победа во Лигата на шампионите, откако славеше над Динамо Букурешт со 31-28 во натпревар во кој избраниците на Берге клучната предност ја направија во првиот дел, а Динамо иако заигра подобро во второто полувреме, немаше време ни сили во финишот да направи нешто повеќе.

Гудјонсон и Лисе погодија по два пати за 4-0 на стартот на мечот и најавија дека Динамо ќе има тешка задача во Норвешка. Паличка блескаше на голот на Колстад и беше најзаслужен за плус седум на паузата, 17-10.

Тренерот на романскиот првак Переира се обидуваше со бројни измени да му парира на Колстад, но ниту Вујовиќ, ниту Пелајо и Ламбросо немаа своја вечер и во првиот дел имаа шут 2/11. Во второто полувреме гостите се разбудија, во еден момент намалија на минус три, 25-22, но потоа згрешија два пати, Паличка им фати зицер и ги откажа од битката за комплетен камбек.

Гудјонсон со шест, односно Јепсон со пет гола, како и голманот Паличка со 13 одбрани беа предводници на Колстад, додека кај Динамо Букурешт се истакна Негру со пет погодоци.

ПИК Сегед по поразот дома од Висла Плоцк дома, запиша гостински триумф кај ослабениот ГОГ Гудме со 36-31. За данскиот состав не играа повредените Митун и Кал, па гостите имаа полесна задача да дојдат до бодови.

Унгарскиот вицепрвак отвори со водство 4-1, имаше и плус четири во текот на првиот дел, најмногу по заслуга на голманот Тулин кој запре девет удари. До паузата ГОГ Гудме ја преполови негативата и замина на пауза со 18-16.

Во текот на целото второ полувреме ПИК Сегед ја одржуваше предноста, која се движеше меѓу два и четири гола и не дозволи изненадување. Предводник на ПИК Сегед беше Марио Шоштариќ кој имаше 12 гола од 12 обиди, а голманот Тулин запре 16 удари на ривалите од поранешниот негов тим. Кај ГОГ Гудме се истакнаа Педерсен со осум и Бјере со седум гола.