Македонскиот првак Еурофарм Пелистер денеска го игра вториот натпревар во новата сезона од Лигата на шампионите.
Пелистерци му гостуваат на францускиот шампион ПСЖ, кој имаше старт со пораз кај Магдебург, па сега ќе мора да се „вади“ на домашен терен.
Летното засилување за „светците“, Ноа Годен, сигурен е дека македонскиот шампион е дојден во Париз со амбиции за изненадување, но дека ПСЖ е фокусиран на својата игра и посакува силен старт на домашен терен во ЛШ.
„Да се игра првиот натпревар во Лигата на шампионите во салата ‘Пјер Де Кубертен’ е голем момент за мене. Ова натпреварување е највисокото ниво во клупскиот ракомет, а да се доживее тоа пред нашите навивачи го прави уште посебно. Еурофарм Пелистер е шампион на Македонија и знаеме дека ќе дојдат со амбиција да изненадат, но нашиот фокус е да одиграме најдобро што можеме и да започнеме силно на домашен терен“, изјави Годен.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер ќе се игра вечерва во салата „Пјер Де Кубертен“ со почеток во 20:45 часот.