Раул Ентрериос e нов селектор на кадетската селекција на Шпанија

Шпанската ракометна федерација објави дека легендарниот Раул Ентрериос е новиот главен тренер на машката кадетска репрезентација на Шпанија.

Ентрериос (44), рекордер по број на настапи за националниот тим со 290 мечеви, е светски шампион од 2005 година и двоен европски првак (2018, 2020). Како играч со Барселона освои три титули во Лигата на шампионите и 11 шампионски трофеи во Шпанија. По завршувањето на играчката кариера во 2021 година, работеше во академијата на Барселона како координатор и во стручниот штаб на младинската екипа.

Назначувањето на Ентрериос е дел од поширока реорганизација на тренерскиот кадар во шпанската федерација. Претходниот селектор, Начо Мојано, кој го предводеше тимот на Европското првенство и на Светското првенство за кадетите во 2025 година, преминува на нова улога – ќе го преземе водството на младинската репрезентација на Шпанија. Федерацијата ја опиша промената како планска ротација со цел да се обезбеди континуитет и развој на генерациите кои наскоро треба да се приклучат на сениорскиот тим.

Според шпанската федерација ангажманот на Ентрериос има за цел да донесе ново лидерство и искуство во подготовката на играчите за сениорско ниво.

„Мојата амбиција е да им помогнам на младите играчи да го направат следниот чекор и да бидат подготвени да ја бранат бојата на Шпанија на големите натпреварувања,“ изјави Ентрериос во првото обраќање по назначувањето.