Има 43 години и се врати да игра за репрезентацјата на Мундијалот!

Нема стар и млад играч. Има само добар и лош. А кога си добар годините некогаш не се пречка. Легендарната бразилска ракометарка Алесандра до Насименто, најдобрата ракометарка во светот за 2012 година, повторно ќе го носи дресот на својата земја и може да настапи на претстојното СП во декември.

Иако има 43 години, искусното десно крило се најде на списокот на селекторот и ќе учествува на септемвриските подготовки на националниот тим во Австрија. За Насименто ова не е прво враќање – досега трипати ја завршуваше играчката кариера, но секогаш повторно се враќаше на теренот.

Во јануари 2025 година таа потпиша за италијанскиот клуб Ериче, со кој веќе ја освои двојната круна – Купот и Суперкупот на Италија.

Кариерата на до Насименто е обележана со бројни успеси – настапи на пет Олимписки игри, има титула светска шампионка во 2013 година, пет победи на Панамериканско првенство, четири злата на Панамерикански игри и едно прво место на Јужноамериканско првенство.

Повеќе од две децении таа игра во Европа, каде што стана вистински симбол на австрискиот Хипо, со кој го освои Купот на победници на купови, како и 11 пати беше шампионка на Австрија.