AЕК Атина донесе втор играч од Бундес лигата, се засили и со голман од Исланд

Вицепрвакот на нашиот јужен сосед и финалист на ЕХФ Европскиот Куп, АЕК Атина, и покрај суспензијата од европските купови, не застанува во поглед на засилувањата и на хартија веќе има подобар состав од минатата сезона.

Нови имиња во составот на АЕК Атина се германскиот кружен напаѓач Јонас Штубер и исландскиот чувар на мрежата Гретар Гудјонсон. Штубер доаѓа од Бундес лигата, од тимот на Хам Вестфален, а претходно беше дел од Гумерсбах, додека Гудјонсон доаѓа од францускиот Иври, а има настапувано за Хаукар, Ница и Селеста.

Нов тренер е Португалецот Руи Силва, а АЕК успеа да ги задржи францускиот голман Јан Женти, кој потпиша договор на една сезона, како и германскиот пивот Ерик Шмит, чиј договор ќе трае до 2027 година.

Меѓу новите имиња е средниот бек од Египет, Омар Салем, кој се обврза на верност до 2027 година, исто како и бундеслигашкта ѕвезда Јулијус Кун, кој дојде од Битигхајм.

Претходно договорите ги продолжија и екс пелистерецот Вилсон Давајес (2026), потоа Дан Тепер (2026), Адама Кеита (2026), Дилан Гаран (2026), Вангелис Арампацис (2027), Александрос Кукулас (2026), Виктор Властос (2026), Димитрис Панајоту (2027), како и Сулејмани Туре (2027).