Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Јелиз Озел, ќе игра и следната сезона, кога ќе наполни 46 години.
Таа го напушти шампионот Јаликавак и наредната сезона ќе настапува за амбициозната Бурса, каде потпиша и екс вардарката Алена Ихнева.
Големото име во турскиот ракометот, кое остана во сеќавање кај македонските љубители на ракометот, и на 46 години ќе претставува вистинска закана за секој противник бидејќи сѐ уште игра во одлична форма.
Озел во Кометал ЃП дојде во текот на 2004 година, остана три сезони, односно играше до сезона 2006/07. За брзо време стана лидер во таборот на ѓорчепетровки, како и миленик на македонската публика.
Поранешната репрезентативка на Турција клупската кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону, Измир и Јаликавак. Средниот бек беше дел и од екипите на Бјасен од Норвешка и Валчеа од Романија.