Драмата во Куманово без победник – Ивчески спречи радост на домаќините

Екипите на Куманово и Прилеп одиграа без победник, 26:26, во натпревар од 3. коло од плеј-аут фазата, иако и двете екипи имаа шанси да освојат цел плен, но ремито е најреален исход.

Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, во нападот на домаќините доминираа Цветковски и Симоноски, а кај гостите Бикоски беше најголема закана за голот на Куманово.

Прилепчани имаа во повеќе наврати шанса да поведат со два гола предност, но не успеаваа, па затоа следуваше казна. По дури 12 израмнувања на резултатот, до 12-12, Куманово погоди два пати по ред за плус два.

Димевски и Матачиќ беа прецизни, прилепчани намалија на минус еден, 14-13, а по грешката на домашните им се укажа шанса и за реми во последниот напад, но не беше упатен удар кон голот.

Домаќините на стартот на вториот дел повторно дојдоа на максималната предност од првиот дел, поведоа со 15:13. Следуваше брза игра на двете страни, гостите израмнија на 16:16, а во желбата да се дојде до реализација, двете екипи влегоа во серија грешки.

По предноста на домаќините од 18:16, гостите со серија од 3-0 направија пресврт, по долго време поведоа со 19:18, во 45-та минута зголемија на плус два, 22:20, потоа реализираа и за 23:20, и тоа беше знак дека домашниот тим ќе мора да го даде максимумот доколку посакува кам-бек и освојување на бодовите.

Прилеп на пет минути пред крајот имаше 25:23, а домаќините со поддршка од публиката успеа да го направи натпреварот неизвесен, израмнија на 25:25, имаа и напад за предност, но не го реализираа, па гостите казнија преку Квастек за 26:25.

На минута пред крајот Куманово погоди за 26:26, останаа уште триесетина секунди, гостите имаа шанса да поведат, ударот на Цветаноски го одбрани Григор Трајковски, а во последните десет секунди избраниците на Димковски не се договорија баш најдобро. Голманот на Прилеп, Ивчески не им дозовли на домаќините да триумфираат, им го одбрани последниот удат за поделба на бодовите.

Кадетскиот репрезентативец Григор Трајковски беше еден од најзаслужните за освоениот бод, бранеше кога беше најпотребно, а предводник во нападот на Куманово беше младинскиот репрезентативец Давид Димевски со осум погодоци.

Кај гостите се истакнаа Томислав Квастек и Христи Бикоски, двајцата имаа по шест реализации.

Во следното коло Куманово ќе игра на гости кај Пролет, додека Прилеп ќе го пречека Радовиш.