Sara RISTOVSKA, North Macedonia vs Hungary, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 02.12.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Ристовска: Сè е можно против Полска – одиме да го оставиме срцето на терен!

Репрезентацијата на Македонија утре ќе го одигра првиот натпревар против Полска од баражот за пласман на Светското првенство 2025.

Првото соочување меѓу Македонија и Полска ќе се одигра во полскиот град Кошалин. додека реваншот е закажан за 12 април во Битола.

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Сара Ристовска ги истакна своите очекувања утрешниот натпревар.

„Секогаш во спортот сè е возможно. Знаеме дека селекцијата на Полска е подобра од нас, но и ние имаме свои квалитети кои веќе ги покажавме на двете Европски првенства на кои настапувавме. Поинтересниот дел е што првите 60 минути ги играме во Полска“, вели Ристовска.

Македонската интернационалка добро ги познава репрезентативките на Полска, бидејќи против дел од нив има играно во романскиот шампионат.

„Полската репрезентација е на навистина високо ниво, а ние одиме да дадеме сè од себе, да покажеме дека вредиме и дека заслужуваме еден бараж да биде во наши раце и да не однесе на посакуваното Светско првенство. Знаеме дека имаа одлично Европско првенство, ги следевме. Ги анализиравме – имаат одлични играчи, и бекови и крила…Со неколку од нив ние, неколку девојки, веќе игравме едни против други во романското првенство и мислам дека добро ги знаеме нивните предности и слабости. Верувам во добра и квалитетна борба. Тоа се само два натпревари на кои треба да се остави срцето на терен ако сакаме да се пласираме на Светското првенство. Неколку репрезентативки од Полска се активни и на европската клупска сцена. Ние се консултиравме, разменивме информации, но нашиот стручен штаб веќе беше добро подготвен и анализата ни беше достапна уште пред собирот“, изјави Ристовска.

Десното крило ќе ја предводи Македонија и како капитен на теренот, откако ја презеде лентата по пензионирањето на Елена Ѓорѓоевска. Како што вели, одговорноста не ѝ е товар, туку голема чест.

„Кај нас капитенската лента беше подеднаква. Таков однос имавме изградено со Елена, што никогаш не било проблем. Не ми претставува никаков притисок, напротив, привилегија и задоволство е тоа што сум капитен на нашата репрезентација и секогаш ќе го носам тоа чувство со себе. Честа е огромна и веќе со искуство наследена“, заврши Ристовска.

Македонија последен пат настапи на Светско првенство во далечната 2007 година во Франција. Од тој период, нашата репрезентација настапи на четири ЕП (2008, 2012, 2022 И 2024).