Висла Плоцк со „плус три“ патува во Франција

Екипата на Висла Плоцк направи голем чекор кон четвртфиналето, откако на свој терен го совлада Нант со 28:25 во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите.

Висла Плоцк сега во реваншот, кој ќе се одигра наредната недела, а на кој Нант ќе биде домаќин, ќе влезе со предност од три гола. Доколку полскиот тим одигра како денес, тогаш ќе обезбеди пласман во Топ 8.

Полскиот тим од првата минута до крајот беше во предност, а гостите од Франција во ниту еден момент не успеаја да го израмнат резултатот. Избраниците на Сабате посебно импресионираа во првиот дел, кој го добија со пет гола разлика, 17:12.

Нант во вториот дел во неколку наврати се закануваше, намалуваше на минус два, но домаќините не дозволија поголема неизвесност. По кризата, Висла Плоцк повторно ја презеде контролата одржувајќи ја предноста до самиот крај.

Прво име во победничката екипа беше Крајевски со осум погодоци, а пет постигна Пирох. Кај Нант се истакна Жулиен Бос со шест реализации.