Екипата на Радовиш пред домашната публика го совлада Куманово со 28:25 и се израдува на втората сезонска победа. Двете екипи ќе играат во плеј-аут фазата, во која Радовиш ќе стартува без бодови, додека Куманово ќе пренесе два бода.
Двете екипи имаа подеми и падови во првото полувреме, па така, во периодот од 7-та до 23-та минута, резултатот најчесто беше израмнет. Куманово добро стартуваше и поведе со 5:2, но домаќините полека влегуваа во ритам и со серија од 4:0 го свртеа резултатот во своја корист, поведувајќи со 7:6.
По периодот на игра гол за гол, избраниците на Димковски направија исчекор. По водството на домашниот тим од 12:11, гостите реализираа серија од 5:0 за предност од 16:12. Радовиш со два гола во низа успеа да ја преполови негативата, па на паузата резултатот беше 16:14 во корист на гостите.
Во второто полувреме, ракометарите на Котевски најпрво направија кам-бек на самиот старт, а потоа ја презедоа контролата и поведоа со 18:17 во 35-та минута. На дваесетина минути пред крајот, резултатот беше 20:20, а до 48-та минута двете екипи постигнаа само по еден гол.
Куманово имаше предност од 23:22, а домаќините со серија од 3:0 повторно направија пресврт и се одлепија на плус два, 25:23. Тоа беше и клучниот чекор кон победата, бидејќи до крајот Куманово имаше негатива од 2-3 гола.
Најефикасен во победничката екипа беше Ивица Илиев со седум погодоци, шест имаше Игор Кисељев, пет постигна Лазар Адамовиќ, а четири реализации имаше Томче Трајчевски.
Најрасположен во поразениот табор беше младинскиот репрезентативец Давид Димевски, кој имаше десет погодоци.