Шампионот договори десен бек – полски репрезентативец доаѓа во Битола!

Од следната сезона нов член на шампионот Еурофарм Пелистер ќе биде полскиот десен бек Анџеј Видомски.

Овој 22-годишен полски интернационалец потпиша двегодишен договор со битолчани и ќе му се стави на располагање на новиот клуб од стартот на подготовките во јули 2025 година.

Се работи за ракометар кој доаѓа во Македонија од Гвардиа Ополе во полската Суперлига. Видомски е висок 186 сантиметри, настапува за полската репрезентација и му се предвидува блескава иднина.

Видомски ги мина сите младински репрезентативни селекции на Полска, а настапи и на ЕП 2024, како и во квалификациите за ЕП 2026 година. Оваа сезона постигна 83 погодоци, но и подели 74 асистенции во полскиот шампионат.

Претходно шампионот Еурофарм Пелистер ја продолжи соработката со тунискиот репрезентативец Усама Хосни, а на крајот на оваа сезона договорите им завршуваат на Павле Петровиќ и Нејц Цехте.